- Промоција на третата публикација од едицијата „Примената на законите под лупа“ „Извештај во сенка за комисија во сенка - Извештај за работата на Комисијата за заштита од дискриминација во првата година од нејзиното постоење“
Хотел „Холидеј Ин“ Скопје, сала „Милениум 2“ 23 мај (среда) 2012 година
- Информативни средби Конкурс за доделување грантови на граѓански организации Проект на УСАИД за граѓанско општество
· Гевгелија, 14 мај 2012 (понеделник), 11:00 часот, Пионерски дом · Струмица, 14 мај 2012 (понеделник), 15:00 часот, Дом на АРМ · Скопје, 15 мај 2012 (вторник), 14:00 часот, х. „Александар палас“, Конгресна сала 2 · Велес, 16 мај 2012 (среда), 11:00 часот, Ликовна галерија · Штип, 16 мај 2012 (среда), 15:00 часот, х. „Оаза“, Банкет сала · Кичево, 17 мај 2012 (четврток), 11:00 часот, х. „Унион“ · Струга, 17 мај 2012 (четврток), 15:00 часот, х. „Дрим“, Пијано бар сала · Битола, 21 мај, 2012 (понеделник), 12:00 часот, х. „Милениум“, Горна сала
На 16-ти мај, 2012 г. во просториите на ГЕМ клубот беше одржана проекција на документарниот филм „Зачувување на светото културно наследство на Република Македонија“ во продукција на Фондацијата „Македонида“. Во триесет минутниот филм, прикажана е состојбата на неколку сакрални објекти од историско значење, како и зафатите околу нивната заштита и конзервација.
Главен впечаток од прикажаното во документарниот филм, е немањето на стратегија од страна на Управата за заштита на културното наследство, како што е случајот за црквата „Св. Ѓорѓија“ во Старо Нагоричане, за чија конзервација преку Советот на Европа се добиени значителни средства, но сè уште не е започната интервенција врз црквата. Од друга страна пак, случајот со Мустафа-пашината џамија во Скопје, ја потенцира потребата од квалитетни конзерваторски проекти. Имено, со последните зафати во Мустафа-пашината џамија, извршени се радикални промени, со што се изгубени ретки декоративни елементи, по кои оваа џамија се издвојувала не само од џамиите на територија на денешна Македонија, туку и од џамиите ширум Балканот.
Говорејќи за грижата за културното наследство, сценаристот и продуцентот на филмот, проф. д-р Панче Велков потенцираше дека конзервацијата на сакралните објекти во последно време е доверена на луѓе кои немаат искуство во заштитата на културното наследство, и наместо тоа целиот процес на конзервација треба да им се довери на реномирани домашни и странски конзерватори.
По проекцијата, следуваше дебата на која учество зедоа реномирани лица со долгогодишни искуства од проблематиката, а чиј заеднички став беше дека јавноста мора подобро да се запознае со запоставените сакрални објекти, кои освен што се важни за националното културно наследство исто така имаат и потенцијал да ја промовираат нашата земја во светот. Домаќинот на промоцијата, извршниот директор на Фондацијата отворено општество - Македонија, Владимир Милчин, истакна дека кај државните институции недостига волја за заштита на културното наследство, и истите никако не смеат да се правдаат со недостиг на пари, особено ако се земе предвид на што се се трошат финансиски средства последните години.
Проект на УСАИД за граѓанско општество
Информативни средби Конкурс за доделување грантови на граѓански организации
Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ), во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско општество, објави конкурс за доделување грантови на граѓански организации. Проектот на УСАИД за граѓанско општество е овозможен со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).
Целта на конкурсот е да обезбеди поддршка за граѓански организации од Република Македонија преку следните два вида грантови:
1. Поддршка на граѓански организации кои делуваат како демократски јадра во своите заедници, коишто имаат долгорочно искуство и кредибилитет во промовирањето граѓанско учество и имаат капацитет да ги мобилизираат граѓаните и да поттикнат граѓански иницијативи (грантови во износ до 20.000 американски долари);
2. Поддршка на граѓански организации ангажирани во надгледување на властите и застапување засновано на истражувања во следните подрачја: Собрание, владеење на правото, судство, медиуми, трошење на јавните пари, финансирање на политичките партии, политиките што се однесуваат на граѓанското општество, младински политики, родова еднаквост и усогласеност со политиките на Европската Унија (ЕУ) и апсорпција на фондовите на ЕУ (грантови помеѓу 10.000 и 30.000 американски долари).
Крајниот рок за поднесување пријави истекува на 4 јуни 2012 год. во 16:00 часот; материјалите за пријавување се достапни на овој сајт.
ФООМ ќе одржи информативни средби за конкурсот за доделување грантови во периодот од 14 до 21 мај. ФООМ ги поканува сите заинтересирани граѓански организации кои би се пријавиле на конкурсот на следниве информативни средби:
• Гевгелија, 14 мај 2012 (понеделник), 11:00 часот, Пионерски дом • Струмица, 14 мај 2012 (понеделник), 15:00 часот, Дом на АРМ • Скопје, 15 мај 2012 (вторник), 14:00 часот, х. „Александар палас“, Конгресна сала 2 • Велес, 16 мај 2012 (среда), 11:00 часот, Ликовна галерија • Штип, 16 мај 2012 (среда), 15:00 часот, х. „Оаза“, Банкет сала • Кичево, 17 мај 2012 (четврток), 11:00 часот, х. „Унион“ • Струга, 17 мај 2012 (четврток), 15:00 часот, х. „Дрим“, Пијано бар сала • Битола, 21 мај, 2012 (понеделник), 12:00 часот, х. „Милениум“, Горна сала
Над 200 локални активисти ќе бидат обучени за правото на слободен пристап до информации
Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) со цел да го промовира правото на слбооден пристап до информациите, но и да ги зајакне капацитетите на локалните активисти да го користат законското право на пристап до информации спроведува обуки за правото на слободен пристап до информациите. Обуките на кои ќе учествуваат над двеста локални граѓански активисти, ќе се реализираат во периодот од 12 мај до 9 јуни 2012 година, и тоа во партнерство со десет граѓански организации од општините Битола, Велес, Гевгелија, Дебар, Кратово, Кичево, Ресен, Струга, Струмица и Штип.
Овие обуки се дел од Програмата за обука на претставниците од граѓанскиот сектор за мониторинг на локалните власти во спроведувањето на децентрализацијата и јавните набавки која ја спроведуваат ФООМ, во соработка со Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) и Центарот за развој на локалната демократија (ЦРЛД). Во втората половина на 2012 година, со менторска помош од страна на ЦРЛД и ЦГК, локалните партнерски организации ќе го набљудуваат работењето на локалните власти со користење на законското право на пристап до информации и ќе изготвуваат извештаи од мониторингот што ќе и бидат достапни на пошироката јавност.
ИЗЛОЖБАТА „ЧАЧИПЕ ЗА МЛАДИТЕ“ ВО КОЧАНИ
Во организација на „Фондациите Отворено општество“, „Фондацијата Отворено општество – Македонија“ , Амбасадата на Унгарија во Скопје и Општина Кочани денеска, 25 април 2012 година, во НУ Центар за култура „БЕЛИ МУГРИ“ во Кочани, се отвори изложбата на фотографии „Чачипе за младите“. Фотографиите, кои во Скопје беа изложени до 20 април, се изложени во Кочани во рамките на програмата „Град на културата 2012“.
На изложбата, чиј куратор е Габриела Чизек, се прикажани фотографии од Меѓународниот конкурс за фотографија „Чачипе за младите“, објавен во ноември 2008 година од страна на Фондациите Отворено општество и Архивите на отвореното општество. Повикот „Чачипе за младите“ („чачипе“ на ромски значи „вистина“ или „реалност“) беше отворен за сите млади луѓе од 12-те земји, дел од Декадата за вклучување на Ромите. Целта на овој конкурс беше борба против негативните стереотипи, рушење на предрасудите и прикажување на една пософистицирана и посуптилна слика на најголемото етничко малцинство во Европа – Ромите, низ објективот на младите луѓе.
ПРАВНА ПРОГРАМА
ФООМ достави барање за повлекување на предлог – законот за определување услов за ограничување за вршење јавна функција, пристап до документи и објавување на соработка со органите на државната безбедност до пратениците во Собранието на Република Македонија
Фондацијата Отворено општество – Македонија на 12 април 2012 година ја организираше дебатата „Што носи новиот закон за лустрација? Ослободување од наследството на поранешниот комунистички режим или легализација на политички реваншизам?“. Дебатата беше поттикната од четвртата законска интервенција која во рок од четири години се прави во полето кое ја регулира т.н. лустрација, која требаше да претставува процес што ќе го помогне и забрза демократскиот развој на Република Македонија. Дебатата, меѓудругото, беше организирана и поради неопходноста предлог – законот за определување услов за ограничување за вршење јавна функција, пристап до документи и објавување на соработка со органите на државната безбедност (предлог – законот) да се дискутира и надвор од Собранието на РМ, пред сè поради бројните контроверзи со кои беше пропратена досегашната примена на т.н. Законот за лустрација.
На споменатата дебата присуствуваа повеќе од 50 учесници, меѓу кои и акредитирани амбасадори во Република Македонија, претставници на меѓународни организации, професори, експерти во полето на безбедноста и во полето на човековите права, членови на Комисијата за верификација на фактите, претставници на граѓанскиот сектор и други. Но, и покрај тоа што покана беше упатена до сите членови и заменици членови на матичната собраниска комисија која го разгледува овој предлог - закон – Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, како и до членовите на Комисијата занадзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање, сепак само еден пратеник покажа интерес да учествува на оваа дебата.
Имајќи го предвид отсуството на пратениците од оваа значајна дебата, ФООМ достави допис преку кој на пратениците им ги пренесуваме главните укажувања и препораки кои беа изложени на дебатата.
Промоција на книгата „За глобализацијата“ од Џорџ Сорос
Во организација Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) на 23 април, во ГЕМ клубот беше промовирно македонското издание на книгата на Џорџ Сорос „За глобализацијата“. Книгата, изворно објавена во 2002 година, не е само отворена критика на сеуште постоечките проблеми и прашања во функционирањето на глобалниот капитализам, туку дава и практични предлози за поставување на глабалниот капитализам на постабилна и поправична основа тргнувајќи од идејата дека глобализацијата е асиметрична, односно политиката во процесот на глобализација заостанува зад економијата.
Отворајќи ја промоцијата, извршниот директор на ФООМ, Владимир Милчин, наброи неколку интересни причини за преведувањето и објавувањето на публикацијата. Една од причините е недостатокот на слична литература и надворешни мислења кои ќе ни помогнат да ја согледаме и од друг агол македонската економска состојба, но и потребата од запознавање на македонската јавност со ставовите на Сорос, кој во Македонија неаргументирано се критикува како „мозок на глобализацијата“. Правејќи паралела со се почестите напади врз филантропијата на Сорос, Милчин посочи на делови од книгата во кои авторот пластично детектира пет главни дефекти во традиционалниот начин на давање финансиска помош, која според него повеќе им служи на интересите на донаторите отколку на интересите на оние кои ги примаат донациите. Милчин го нагласи ставот на Сорос дека мрежата фондации кои тој ги финасира постои за да им помага на малцинствата, национални, верски, политички, и сите останати.
Професорот на Американскиот колеџ во Скопје, Стево Пендаровски, се осврна на политичкиот аспект во книгата, согласуваќи се со ставот на авторот дека политичките институции се развиваат многу побавно од меѓународните финаниски пазари, што е еден од основните проблеми на процесот на гобализација, или како што нагласи Пандаровски „Политиката остана локална, а пазарот стана глобален“. Тој исто така се согласи со барањата на Џорџ Сорос, до меѓународните институции, за т.н. морално владеење. Давајќи пример, кој се почесто се користи како изговор и кај нас, Пандароски нагласи: „Кога економијата се развива добро во една држава никој не вели дека тоа е резултат и на позитивниот развој на глобалните економски процеси, но кога оди лошо, веднаш како причина се нагласува светската економска криза“. Пандаровски исто така го дели ставот на Џорџ Сорос дека меѓународните институции не треба да даваат финансиски позајмици на државите без претходна проценка на внатрешната политичка волја.
Абдулменаф Беџети, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, осврнувајќи се на книгата од економски аспект, нагласи дека Сорос предупредува, многу порано од други економски аналитичари, за ризиците од појава на светска економска криза, која од 2007 година го тресе глабалниот пазар. За Беџети, книгата не е значајна само заради критиките што ги упатува, туку пред се заради решенијата кои ги нуди, т.н. нови инструменти на глобализацијата. Како пример за неконзистентност во функционирањето на меѓународните инситуции, Беџети го посочи односот меѓу Светската Банка и Македонија: „Последната позајмица, Светската Банка и ја дава на Мекедонија без економска и политичка проценка, и дава пари на една неодговорна Влада, која во 2006 година, за да покаже кредибилитет, плаќаше пенали оти пред време го врати кредитот од Светска Банка.“
Од оваа книга е јасно дека за Сорос глобализацијата не е едноставен економски потфат кој по автоматизам ќе доведе до општествен и политички напредок, па оттука и неговото залагање за јакнење на глобалните политички и општествени институции.
Промовирана анализата „Прекршочен орган – позитивна реформа?“
Законот за прекршоци да превенира, а не да репресира
Правната програма на Фондацијата отворено општество - Македонија (ФООМ) на 23-ти април на тркалезна маса ја претстави анализата „Прекршочен орган – позитивна реформа?“, која претставува обид за проценка на резултатите од применувањето на Законот за прекршоците, односно е опфатена работата на прекршочните органи.
Објаснувајќи ја анализата, надворешниот консултант во нејзиното подготвување, Валентин Фетаџокоски, ги презентираше согледувањата во работата на прекршочните органи кои се нотирани во анализата. Според она што е наведено во анализата „Прекршочен орган – позитивна реформа?“, прекршочните органи треба да ја елиминираат селективноста во решавање на случаите, но и почесто да ja користат мерката опомена кон прекршителите. Како недостатоци во функционирањето на прекршочните органи, во анализата се наведени и недостатокот на иницијативи за едукација на членовите на комисиите за одлучување по прекршоците, при штона многу од нив, работењето на прекршочните постапки им е споредна работна задача, со што се става под знак прашалник професионалноста и независноста на посебните организациони единици за водење на прекршочната постапка.
Зборувајќи за правната рамка со која се регулира работата на комисиите за одлучување по прекршоците, професорите од Правниот факултет „Јустинијан Први“, Гордана Лажетиќ-Бужаровска и Борче Давитковски потенцираа дека глобите пропишани со материјалните закони го надминуваат максимумот пропишан со Законот за прекршоците, односно во некои случаи се десеткратно повисоки. Оттаму, професорот Давитковски истакна дека не е дозволено на штета на човековите права да се изрекуваат прекршоците и затоа порача да се пристапи кон измени на Законот за прекршоците со што ќе се прецизираат одредбите.
Во вториот дел од тркалезната маса, беа изложени искуствата од работата на прекршочните комисии при Царинската управа, Управата за јавни приходи (УЈП) и Министерството за животна средина и просторно планирање.Акцентот беше ставен напримената на законските одредби за порамнувањето, опомената и извршувањето во рамките на комисиите за постапување по прекршоците. Според претставничките од комисиите за прекршоци при Царинската управа, УЈП и Министерството за животна средина и просторно планирање, една од најефективните мерки е порамнувањето и истата е најчесто застапена во прекршочните постапки. Од друга страна, одредбата која се однесува наопомената се користи само во специфични случаи, односно кога станува збро за помали прекршоци. Исто така различните материјални закони по кои работат прекршочните комисии го оневозможуваат изрекувањето на опомената, што е случај со УЈП, каде што иако имаат донесено голем број одлуки за прекршок во текот на една година, просекот на изречени опомени за тој период е многу низок, односно комисијата за постапување по прекршоците на УЈП, многу ретко ја користи оваа мерка.
На тркалезната маса активно учество зедоа околу 50-тина правници, адвокати и вработени во комисиите за постапување со прекршоците. Еден од генералните заклучоци беше дека Законот за прекршоци мора да претрпи измени, по штое потребно останатите материјални закони да се усогласат со цел доследно да се применуваат основните начела во прекршочната постапка.
Анализата „Прекршочен орган – позитивна реформа?“ е втора публикација од едицијата „Примената на законите под лупа“ изработена од правната програма на ФООМ. До крајот на годинава предвидени се уште неколку анализи кои ќе имаат за цел поддржување на реформите на правниот систем во Македонија.
Проект на УСАИД за граѓанско општество Школа за активно граѓанство
Повик за учесници во циклус “Обуки за младински активизам”
Школата за активно граѓанство ќе се организира за млади и претставници на граѓански организации или неформални групи, со цел да им обезбеди неопходно знаење и вештини за реализирање граѓански иницијативи. Школата е составена од два дела, кои ќе ги спроведуваат Младинскиот образовен форум (МОФ) и Форум-Центарот за стратегиско истражување и документација.
Во рамки на Школата за активно граѓанство, МОФ објавува повик за учесници во циклус од четири обуки за младински активизам на следниве теми: • Слобода на здружување; • Младински политики; • Граѓански иницијативи; • Аргументирано изразување.
Обуките ќе се реализираат во 12 градови во Република Македонија (Скопје, Велес, Штип, Кратово, Делчево, Куманово, Гевгелија, Тетово, Кичево, Дебар, Струга и Битола), во соработка со младинските МОФ центри, во периодот мај – јуни 2012 година.
Обуките се еднодневни и ќе се реализираат за време на викенди (во сабота или недела), во секој од 12-те градови.
Кандидатите за учество на обуките треба да ги исполнат следните услови: • Да се на возраст од 16 до 25 години; • Да учествуваат во сите четири обуки; • Да покажуваат интерес за вклучување во идни граѓански иницијативи; • Да покажуваат интерес и разбирање за клучните младински проблеми на локално и национално ниво.
Сите заинтересирани можат да се пријават најдоцна до 3-ти мај 2012 година, преку испраќање CV и пополнета пријава на obuki@mof.org.mk.
Бројот на учесници е ограничен. Предност ќе им биде дадена на кандидатите кои не се на раководни функции во невладини организации. Обуките се бесплатни и ќе бидат спроведени на македонски јазик од страна на искусни обучувачи од МОФ и партнерски организации на МОФ. При селекцијата на кандидатите ќе биде земен предвид етничкиот и родовиот баланс на групите.
Проектот на УСАИД за граѓанско општество го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија во соработка со четири граѓански организации: Младински образовен форум, Форум – Центар за стратегиски истражувања и документација, Центар за граѓански комуникации и Реактор – Истражување во акција.
Повик за учесници во школата за активно граѓанство
Школата за активно граѓанство ќе се организира за млади, претставници на граѓански организации и неформални групи, со цел да им обезбеди неопходно знаење и вештини за реализирање граѓански иницијативи. Школата за активно граѓанство е составена од два дела, кои ќе ги спроведуваат Форум-Центарот за стратегиско истражување и документација (Форум-ЦСИД) и Младинскиот образовен форум (МОФ).
Овој повик за учесници е за обуките кои ги спроведува ФОРУМ-ЦСИД. Обуките ќе се состојат од три модули во текот на 2012 година. Првиот модул ќе се одржи во мај, вториот во јуни, а третиот во ноември.
Првиот модул е воведен и тој ќе има за цел да ги запознае учесниците со основните поими и алатки потребни за активно граѓанско учество. Темите што ќе бидат обработувани ќе опфатат: • Вовед во Поимникот за граѓанско општество; • Структура на општеството и местото на граѓанскиот сектор; • Граѓанска иницијатива; • Граѓанинот, неговото/нејзиното место и можноста за активно учество во јавната сфера (држава, политика, граѓанско општество, медиуми).
Вториот модул ќе биде насочен кон усвојување и развивање практични алатки поврзани со: • Односи со јавноста и со властите како дел од граѓанскиот активизам; • Комуникација со медиумите; • Говорнички вештини.
Третиот модул е еднодневна средба каде учесниците ќе имаат прилика да ги споделат стекнатите искуства.
Критериумите што треба да ги исполнуваат кандидатите се: • старосна граница: 18-35 години; • активно членство во граѓанска организација или неформална група.
При селекцијата на кандидатите предвид ќе биде земен етничкиот и родовиот баланс на групата.
Заинтересираните кандидати треба да испратат своја биографија (CV) на координаторката на проектот во Форум-ЦСИД, Соња Исмаил, на е-маил: sonja@forum-csrd.org.mk, заедно со писмо за мотивација.
Рокот за пријавување е 30 април 2012 година.
Проектот на УСАИД за граѓанско општество го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија во соработка со четири граѓански организации: Младински образовен форум, Форум – Центар за стратегиски истражувања и документација, Центар за граѓански комуникации и Реактор – Истражување во акција.
Новиот Закон за лустрација – инструмент за пресметка со неистомислениците
Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ) на 12-април организираше тркалезна маса, чија тема беа предлог- измените на Законот за лустрација и нивото влијание врз процесот на верификација на фактите.
Во првиот дел од дебатата, Данче Даниловска ги презентираше новите измени содржани во Предлог-законот за лустрација, а како најрадикални измена е онаа со која се продолжува временската рамка, кој наместо до 1991 година, со новите измени е предвидено таа да трае до први септември 2006 година, односно од моментот кога стапува на сила Законот за пристап до јавни информации. Од друга страна, беше заклучено дека со измените се прави дискриминација врз оние за кои ќе бидат прогласени за соработници, преку нивното јавно објавување. Исто така, преку измените на опфатноста на лицата подложни под Законот за лустрација државата директно се меша во работата на невладиниот сектор и го ограничува правото на вработување во приватниот сектор. Според универзитетскиот професор Гордан Калајџиев со Законот за лустрација, верификацијата на фактите станува инквизиторска постапка, во која нема тужител, а нема ниту постапка на докажување.
Новите измени на Законот се спротивни и од препораките на Советот на Европа (СЕ). Освен временската рамка, која според СЕ не треба да биде по 1989-тата година, проблематично е и нивото на докажување кое треба да биде многу повисоко од нивото на докажување кај останатите кривични предмети, а самата лустрација треба да се однесува само на оние јавни службеници кои директно можат да ги загрозат човековите права (јавни службеници во полиција, судство и сл.). Стојан Андов, еден од предлагачите на Законот, напомена дека претходната верзија била донесено со консензус од сите партии, и порача дека очекува и новата верзија да биде поддржана со консензус. Анализирајќи ги измените, Чедомир Дамјановски, членот на Комисијата за верификација на фактите, нагласи дека Комисијата ќе има технички проблеми во пронаоѓање на цели семејни стебла на оние кои се стекнале со над пет отсто од капиталот на општествено претпријатие бидејќи освен нив, со лустрација се опфатени и нивните семејства. Според Дамјановски, објавувањето на решенија на Комисијата на веб-страна може да му наштети на лицето кое подлежи на лустрација, бидејќи решението иако не е правосилно, тоа ќе биде јавно објавено.
Во последниот дел од дебатата, беше направена споредба на работата на службите пред и по 1991, како и нивниот начин на врбување соработници, и создавање соработнички досиеја. Она што се издвои како заклучок е фактот што се остава широк простор за злоупотреби со досиеја, а многу се наоѓаат и по приватни колекции. Исто така беше порачано дека никаде досега не се казнувал соработничкиот однос, бидејќи тешко се докажувала свесноста и намерноста на соработникот во кршењето на нечии човекови права. Од друга страна, со Законот не се опфатени извршителите и налогодавците на службите, односно оние кои свесно кршеле човекови права и слободи. Анализирајќи го новиот Закон, и целокупниот систем, Ѓунер Исмаил порача дека на систем кој гради закони како Законот за лустрација, треба да му се пристапи поинаку, а не преку академски обид за дијалог.
ОДГЛАСИ ЗА КОНФЕРЕНЦИЈАТА
Писмо за поддршка на Владимир Милчин и ФООМ од Андреј Коватчев, потпретседател на Комитетот за надворешни работи при Европскиот парламент, за иницирањето на конференцијата за законодавниот процес за лустрацијата во Македонија
мк (.pdf)
en (.pdf)
ПРОГРАМА ФОРУМИ ВО ЗАЕДНИЦАТА ВО ОШТИНИТЕ КАРПОШ И ЛИПКОВО
Оглас за ко-модератори во општините Карпош и Липково
Програмата „Форуми во заедницата” го поддржува партиципативниот развој на заедниците на локално ниво преку организирање на шест форумски сесии и последователно спроведување на проектите од форумските сесии. Програмата е финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), а е раководена од Единицата за координација на форумите (ЕКФ) во соработка со Заедницата на единиците на локална самоуправа ЗЕЛС (повеќе информации на www.forumivozaednicata.com.mk).
Во периодот април 2012 – септември 2012, форумскиот процес во општите Карпош и Липково ќе го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ).
За потребите на Форумот, се распишува оглас за избор на КО-МОДЕРАТОРИ во двете општини, кои ќе биде ангажиран во времетрање од 6 месеци, 10 работни дена во текот на месецот, со флексибилно работно време.
Ко-модераторот е помошник на модераторот на форумот и раководител на оперативната група. Оперативната група е составена од 6-8 членови и е одговорна за техничката организација на сесиите. Задачи, одговорности и очекувани резултати: • Раководење и координирање со Оперативната група; • Организирање на форумските сесии; • Регрутација на учесници на форумот; • Помош на модераторот при водењето на форумските сесии; • Организирање и ко-модерирање на состаноци помеѓу форумски сесии; • Техничка подготовка на форумски сесии (сала, постери, опрема); • Координирање на активностите за односи со јавноста на локално ниво; • Подготовка и чување на документите за и од форумските сесии и работата помеѓу сесиите (записник, листи на учесници, покани и сл.); • Учество на обуки организирани од страна на ЕКФ, ФООМ и SDC; • Подготовка на месечни извештаи.
Квалификации и искуство: • универзитетско образование • познавање на англиски јазик • активно користење на компјутер (Word, Excel, Power Point, Outlook) • познавање на процесот на децентрализација • искуство во работа со невладни организации • да е жител на општината • искуство во фасилитација, координација и известување • наклонетост кон тимска работа • одлични комуникациски вештини
Заинтересираните кандидати треба да нагласат за која општина аплицираат, да испратат кратка биографија (CV) и писмо за мотивација, кои најдоцна до 18.04.2012 треба да пристигнат на следната адреса:
Форуми во заедницата Булевар Јане Сандански 111, 1000 Скопје или на електронска пошта: bsarko@sonet.com.mk
КОНКУРС За стипендирање на студенти Роми за академска 2012/2013 година
Ромскиот образовен фонд/ Програма за стипендирање (REF/SP) по тринаесети пат го објавува конкурсот за стипендирање на студенти Роми, во рамки на Програмата за стипендирање на студенти Роми/ Roma Memorial University Scholarship Program (РМУСП).
Право на конкурирање за стипендија имаат кандидатите кои:
• се запишани како редовни студенти на акредитирани универзитет во РМ во академската 2012-2013 год. • се на додипломски, магистерски или докторски студии • се државјани на Република Македонија • може да се пријават и средношколци кои го завршуваат своето четиригодишно средно образование и планираат да се запишат на некој од акредитираните универзитети во РМ во академската 2012/2013 год.
Забелешка: ќе бидат разгледувани апликациите само на оние кандидати кои ги исполнуваат критериумите за конкурирање, кои електронски (on-line) аплицирале и ги почитувале крајните рокови посочени во упатството за конкурирање.
РЕФ/РМУСП ќе доделува стипендии врз основа на конкуренција на оние кандидати чии што апликации се со највисок квалитет, кандидати кои имаат висок академски успех, кандидати кои се општествено ангажирани, имаат квалитетни препораки, како и врз основа на рангирањето направено од страна на националната комисијата за селекција.
Рокот за електронското (on line) пријавување за стипендии е до 15-ти мај 2012.
Ве молиме имајте во предвид дека сите заинтересирани кандидати од Македонија, ќе можат да аплицираат исклучиво по електронски пат (on-line): Електронската пријава и детални инфорамции за потребните документи, за процесот на пријавување и селекција, критериумите, и др. можете да ги најдете на веб страната:
Анализа од примената на Законот за бесплатна правна помош, во 2011 година
„Бајка или реалност!? – Бесплатната правна помош во Република Македонија“
На 6 април (петок) Фондацијата Отворено општество – Македонија, Македонското здружение на млади правници, Националниот ромски центар од Куманово, РОМА С.О.С од Прилеп, Младинскиот културен центар од Битола, Избор од Струмица и ЕХО од Штип ги промовираа наодите од континуираното истражување на имплементацијата на бесплатната правна помош во Република Македонија. Анализата од примената на Законот за бесплатна правна помош е дел од публикацијата „Бајка или реалност!? Бесплатната правна помош во Република Македонија“.
Со оваа анализа сакаме да ја претставиме реалната ситуација од примената на Законот со што ќе ја поттикнеме државата, односно Министерство за правда, во транпарентен процес со вклучување на сите заинтересирани страни, да започне со подготовка на измени на Законот за бесплатна правна помош. Во анализата се идентификувани слабостите и пречките во системот на бесплатната правна помош како за граѓаните така и за здруженијата кои сакаат да се стекнат со овластување за давање бесплатна правна помош.
По повод меѓународниот Ден на Ромите 8-ми април и Декадата за вклучување на Ромите (2005 – 2015), на 6-ти април беше отворена изложбата „Чачипе за младите“ во организација на Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ) и Амбасадата на Унгарија во Република Македонија.
Во пригодното обраќање унгарскиот амбасадор, Јозеф Бенце, истакна дека потребата од подигнување на свеста за состојбата и позицијата на Ромите во Европа е од суштинско значење. „Унгарија е еден од најголемите поддржувачи на Декадата на Ромите и минатата година, како претседавач со ЕУ, Унгарија имаше значајна улога во донесување на стратегијата за унапредување на животот на Ромите“ нагласи Бенце.
Министерот без ресор, Неждет Мустафа, порача дека тој како национален координатор на Декадата на Ромите во Република Македонија заедно со сите партнери се труди да постигне што поголемо унапредување на животот на Ромите во земјава. „Она што може да го направиме денес, навистина да го направиме денес. Афроамериканците имаа сон, и тој им се оствари, се надевам дека и Ромите ќе го остварат својот сон. А тој ќе се оствари кога ќе се подобрат нивните животни услови. Кога ромските населби нема да бидат тоа што се денес, туку ќе бидат населби каде што ќе има пристоен живот“ порача Мустафа.
Извршниот директор на ФООМ, Владимир Милчин, им го честиташе меѓународниот ден на Ромите, додавајќи дека го чувствува како свој и дека ФООМ е еден од најголемите поддржувачи на Декадата на Ромите. „Чачипе на ромски значи „вистина“ и мислам дека оваа изложба е полн погодок, бидејќи вистината најдобро се претставува преку окото и објективот на фотографот“ истакна Милчин. ФООМ и натаму ќе работи на сите четири приоритети од Декадата на Ромите: домување, здравство, образование и вработување, и ќе продолжи со длабока посветеност на унапредување на животот и нивната позиција во општеството. И тоа ќе го правиме рака под рака со сите наши пријатели“ порача Милчин.
На изложбата, чиј куратор е Габриела Чизек, се изложени фотографии од Меѓународниот конкурс за фотографија „Чачипе за младите“, објавен во ноември 2008 година од страна на Фондациите Отворено општество и Архивите на отвореното општество. Конкурсот беше отворен за сите млади луѓе од 12-те земји, дел од Декадата за вклучување на Ромите, со цел борба против негативните стереотипи, рушење на предрасудите и прикажување на една пософистицирана и посуптилна слика на најголемото етничко малцинство во Европа – Ромите, низ објективот на младите луѓе. Изложбата ќе биде отворена до 20 април 2012 година.
Промоција на книгата „Штазиленд“
Минатото на Источна Германија не смее да стане иднина на Македонија
Отворајќи ја промоцијата, извршниот директор на ФООМ, Владимир Милчин го потенцираше задоволството што на 20- годишнината од формирањето на Фондацијата, е издадено едно вакво дело кое преку комбинација од книжевна и фактографска форма, ни го доловува функционирањето на Штази, најтемелната и најорганизираната тајна служба во светот и нејзината репресија врз граѓаните. Милчин, правејќи споредба со предлог – измените на Законот за лустрација и неговото досегашно спроведување, порача дека постои голема опасност иднината на Македонија да стане иста како минатото на Источна Германија.
„Книгата не соочува со постоењето на најсовршената форма на тортура, не соочува со фактот дека секоја идеја која ќе дојде до некои болни и злосторнички умови, секогаш завршува како инструмент создаден само и само за злосторство“ – истакна промоторот Ѓунер Исмаил, додавајќи дека „моменталната општествена констелација во Македонија повикува на одредена доза на вознемиреност, бидејќи вратата на злото не е целосно затворена“. Согледувајќи сличност меѓу сегашната состојба во Македонија и онаа во Источна Германија од 80-тите, Исмаил заклучи дека домашната публика секој ден преку вестите се соочува со сличен материјал за методи на репресија, а единствена разлика е тоа што домашниот материјал е попримитивен и понеписмено елабориран: „Слично како во периодот на Германската Демократска Република, населението е доведено до ниво на кое на фашизмот може да му се налепи секаков епитет, дури и да се опише како патриотизам. Фашизмот мора да има социјална почва оти тоа во еден дел е болест на специфична социјална категорија на т.н. интелектуалци кои кукавичлукот го прогласуваат за внатрешен егзил, и презир кон валканоста на секојдневието, а ваквите диктаторски проекти се претставени како форма на усреќување на нацијата во чие име владеат.“
Вториот промотор, професорката Фросина Ташевска Ременски, порача дека делото „Штазиленд“ е одличен прирачник кој може да помогне во сфаќањето на начинот на функционирање на тајните служби. Според Ташевска Ременски, книгата може да помогне и во препознавање на инструментите на функционирање на Штази, кои изменети и осовремени денес се среќаваат во Македонија: „ Делото остава впечаток дека го живеете овде и сега. Дека и вие сте дел од настаните кои безобразно наликуваат еден на друг. Чувствувате дека живеете во правно општество, наспроти реалноста на лага и манипулација“ нагласи Ташевска - Ременски додавајќи дека живееме во минато во модерна верзија и дека е голем расцепот помеѓу пропагираната и онаа вистинската реалност.
По завршувањето на промоцијата, беше прикажан кус документарен филм поврзан со книгата „Штазиленд“, во кој беа прикажани автентични снимки и фотографии од работата на Штази, но и сведоштва на поранешни агенти на Штази и жртви на тортури и репресии на тајната служба на Источна Германија.
Дебата на ФООМ / РППИ
Измените на Законот за високо образование - неуставен упад во автономијата на универзитетите
На дебатата „Какви научни истражувања и настава овозможува новиот Закон за високо образование?“ организирана на 30-ти март 2012 година во ГЕМ клубот, голем број универзитетски професори, млади истражувачи и студенти преку аргументирана и конструктивно насочена дискусија препорачаа дека е неопходно власта да се воздржи од регулирање на низа важни прашањата од делокругот на универзитетите и се заложија за донесување законски решенија кои ќе ја зачуваат и обезбедат автономијата на универзитетите и нивните членки, како и за обезбедувањето услови за остварување на слободата и автономијата на наставата и научните истражувања.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Бичиклиски, и по четврти пат не се појави на закажаното рочиште по тужбата за клевета, поднесено од членовите на движењето Граѓани за Европска Македонија (ГЕМ): Роберто Беличанец, Никола Гелевски, Бранко Героски, Владимир Милчин и Жарко Трајаноски.
„За жал господинот Бичиклиски денес по четврти пат не се појави пред судот да ги докаже своите небулозни тврдења дека овие луѓе земале по илјадници евра за, како што вели тој, продажба на името. За жал тој изрази едно драматично непочитување на повикот на судот. Разбравме дека иако поканата стигнала во неговата матична партија, тој одбил да ја подигне. Сепак, новост е тоа што ја дознавме неговата домашна адреса, па следната покана ќе стигне на неговата домашна адреса, и се надеваме дека на следното рочиште закажано за 9-ти мај ќе се појави, бидејќи не му доликува како портпарол на владејачката партија да не го почитува судот“ изјави Бранко Героски од ГЕМ.
Членовите на ГЕМ поднесоа тужба против Александар Бичиклиски поради неговите изјави дека тие зеле околу 50-тина илјади евра со цел да агитираат за промена на уставното име на Македонија. Освен на последното рочиште закажано, за 26-ти март, досега Бичиклиски не се појавил ни на трите претходни (26-ти мај 2011, 30-ти јуни 2011 и 8-ми ноември 2011), под образложение дека не бил уредно повикан.
Истовремено членовите на ГЕМ имаат активна тужба и против актуелниот Министер за финансии, Зоран Ставревски, поради неговите тврдења дека ГЕМ е дел од група организации кои имаат за цел загрозување на уставниот поредок. Во тој случај досега биле закажани пет рочишта, а Ставрески исто како и Бичиклиски, се нема појавено на ниту едно, под изговор дека МВР не може да го пронајде вистинскиот Зоран Ставревски бидејќи имало многу лица со исто име и презиме, иако во тужбата е наведено дека станува збор за Министер за финансии.
Предлог за дополнување на Нацрт-акциски план за Отворено владино партнерство (прва верзија) на Република Македонија
Денеска, 23 март 2012 година, Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) испрати Предлог за дополнување на Нацрт-акциски план за Отворено владино партнерство (прва верзија) на Република Македонија до Министерството за информатичко општество и администрација.
ФООМ смета дека во Нацрт-акцискиот план за Отворено владино партнерство, а следејќи ги предлог-акциските планови и на другите држави, кај предложените мерки недостасува поврзаност на тековните реформи и веќе направените напори за поголема транспарентност и отчетност, со новите чекори кои ќе бидат преземени, но и не се дадени индикатори за следење на имплементацијата на Акцискиот план. Генерално, вака како што е даден, Нацрт-акцискиот план за Отворено владино партнерство остава впечаток дека: (1) Владата својата транспарентност и отвореност ја сфаќа само како сет од информатички мерки, (2) Владата не поставува високи цели кон кои ќе се стреми за зголемување на транспарентноста и отчетноста и (3) отсуствува пристапот на Владата за зголемена соработка со граѓанските организации и партиципативно креирање политики.
Преземете го предлогот за дополнување на Нацрт-акциски план за Отворено владино партнерство од тука.
Проект на УСАИД за граѓанско општество
На 27 февруари, 2012 година Фондацијата Отворено општество – Македонија го потпиша договорот со УСАИД за спроведување на Проектот на УСАИД за граѓанско општество. Проектот ќе се реализира во период од 30 месеци во партнерство со четири граѓански организации: Младински образовен форум, Форум – Центар за стратегиски истражувања и документација, Центар за граѓански комуникации и Реактор – Истражување во акција. Проектот е финансиран од УСАИД со 2,540,000 УСД и ко-финансиран од ФООМ со 278,120 УСД.
Главни цели на проектот се: 1) Заживување на граѓанското учество во политичкиот и општествениот живот; 2) Поддржување на граѓанското општество активно да се залага за демократски реформи и 3) Подобрување на соработката и здружувањето во граѓанскиот сектор со цел зајакнување на граѓанската одговорност.
Проектот го сочинуваат три главни компоненти:
Компонентата А: Граѓански активизам и учество е дизајнирана да ги зајакне граѓаните и младите да ги препознаат начините на кои можат да се ангажираат во своите заедници и да обезбедат различни нови механизми за нивно учество. Проектот ќе генерира одржлив активизам и влијание преку поврзување на обуките за активно граѓанство со учење низ помагање во заедницата, волонтерство, користење нови медиуми, локални акции, грантови за граѓанско учество и активизам.
Компонентата Б: Мониторинг и застапување ќе ги поттикне граѓанските организации да работат на суштински прашања и да влијаат на власта за спроведување демократски реформи. Тоа ќе се постигне преку градење капацитети на граѓанските организации (со работни стипендии и обуки), истражување и мониторинг во одредени подрачја, како што е пристапувањето во ЕУ, доделување грантови за мониторинг и застапување засновано на истражувања, консултации со релевантните фактори и ангажирање во креирањето јавни политики.
Компонентата В: Соработка и мобилизирање ќе промовира поголема мобилизација, соработка и солидарност на граѓанските организации преку поддршка на заеднички развиени акции на партнерства и мрежи, форуми за размена на искуства, дискусии за заедничките проблеми, можни решенија и идни активности. Активностите се структурирани околу три главни аспекти: можности за граѓанско ангажирање, вмрежување и награди за граѓанско ангажирање.
Активностите во проектот ќе придонесат кон постигнување на следниве резултати:
• Зголемен младински активизам и учество; • Мобилизирани граѓани во општествено застапување за демократски реформи; • Зголемен онлајн активизам; • Граѓански организации со подобрени капацитети и експертиза за мониторинг и застапување; • Граѓански организации кои придонесуваат за транспарентност на институциите и подобри јавни политики во одредени области; • Зајакнато граѓанско партнерство за решавање заеднички прашања на национално и локално ниво.
МОФ домаќин на меѓународен форум за транспарентно образование
Во периодот од 19ти до 21ви март 2012 година во Скопје, се одржува меѓународен форум за транспарентно образование организиран од Младински образовен форум и ЕДЦ, а финансиски поддржан од Програмата Исток Исток: прекугранични партнерства при Фондација отворено општество - Македонија и United States Agency for International Development (USAID).
Препораките за подобрување на Нацрт-Стратегијата за соработка со граѓанските организации (2012-2017) доставени до Владата и Собранието
Заклучоците и препораките од консултацијата на граѓанските организации одржана на 06 март 2012 година по повод Нацрт-Стратегијата за соработка со граѓанските организации, на 12 март 2012 беа писмено доставени до Кирил Божиновски, Генерален секретар на Влада на Република Македонија и Радмила Шеќеринска, Претседателка на Националниот совет за евроинтеграции во Собранието на Република Македонија.
Со цел да се подобри текстот на Нацрт - Стратегијата, триесет и двете граѓански организации кои дадоа писмена поддршка за препораките, се застапуваат за:
· Воспоставување ефикасен институционален механизам за дијалот меѓу Владата и граѓанскиот сектор, преку формирање на национално советодавно тело; · Зајакнување на независноста и институционалната поставеност на Одделението за соработка со граѓанските организации; · Унапредување на учеството на граѓанските организации во процесите на креирање на политики и донесување на одлуки, преку воспоставување на конкретни и задолжителни механизми за консултација; · Доследна примена на Кодексот на добри практики за финансиска поддршка на граѓанските организации и неопходна негова задолжителност за сите органи на Владата; · Унапредување на одржливоста на граѓанскиот сектор преку воспоставување државен фонд за кофинансирање и институционална поддршка на граѓанскиот сектор; · Унапредување на следниве закони: Кривичен законик, Законот за пристап до информации од јавен карактер, Законот за утврдување дополнителен услов за носители и кандидати за јавни функции, Законот за спречување и превенција на перење пари и финансирање тероризам, Законот за игри на среќа, Законот за лобирање, Законот за волонтерство, Законот за здруженија и фондации и даночните закони и подзаконски акти.
Промовирана публикацијата „Повеќе труд за подобар суд“
Управниот суд е неефикасен суд
Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) преку својата правна програма на 12-ти март ја промовираше публикацијата „Повеќе труд за подобар суд“, која се однесува на судската заштита на човековите права во управните спорови. Промоцијата на публикацијата беше проследена со дебата на која учествуваа експерти од областа на правото, а кои дадоа свое видување за работата на Управниот суд, и обезбедувањето на човековите права во управните спорови.
Презентирајќи ја публикацијата, д-р Марија Петровска се задржа на целите но и заклучоците и препораките од публикацијата. Она што може да се забележи во публикацијата „Повеќе труд за подобар суд“ е фактот што Управниот суд не споделува информации за тоа колку инволвираните органи не постапиле по пресуди на Управниот суд, како и тоа дека нема податоци за тоа колкав е бројот на тужби поднесени до Управниот суд, а се однесуваат за молчење на администрацијата. Според компарацијата на обемот на тужби пак, евидентно е зголемувањето од година во година, но и слабата ефикасност при решавањето на предметите. Па така, во 2009-2010 година Управниот суд просечно решавал 37 отсто од предметите, додека за истиот период Врховниот суд решил 45 отсто од предметите.
Пензионираниот судија Фиданчо Стоев проблемите во неефикасноста ги лоцираше во слабиот почеток на функционирањето на Судот, како и недоволната поддршка од ресорното министерство. За Стоев, Управниот суд ќе ја доживее својата целосна афирмација во оној момент кога ќе почне да носи мериторни одлуки.
Вториот дел од дебатата беше посветен на тужбите кои се поднесуваат поради молчење на администрацијата, и заштитата на правата на оние кои тужат. Деканот на Правниот факултет од Скопје, Борче Давитковски, ја потенцираше потребата од нов закон за Управен суд, бидејќи постојаниот Закон е на штета на странките, и притоа и дава можност на извршната власт и нејзините институции да влегуваат во судски парници со странките, појава што досега не била забележана во ниту една друга држава. Осврнувајќи се на молчењето на администрацијата, Давитковски забележа дека кај различни институции и органи различен е степенот на молчење, што внесува дополнителна забуна кај оштетените странки.
Сличен став имаше и судијката во Босанскиот уставен суд, Маргарита Цаца Николовска, според која измените на роковите за тужби за молчење на администрацијата даваат впечаток дека Владата сака да им го оневозможи правото на тужба на граѓаните и институциите. Осврнувајќи се пак на лошите услови за работа на Управниот суд, Николовска подвлече дека тие нема да бидат олеснителна околност доколку државата во иднина биде тужена во Судот во Стразбур.
„Повеќе труд за подобар суд“ е првата анализа од едицијата „Примената на законите под лупа“ изработена од правната програма на ФООМ. До крајот на годинава предвидени се уште неколку анализи кои ќе имаат за цел поддржување на реформите на правниот систем во Македонија.
Започнува програмата „Подготовка за преговори“
Фондацијата отворено општество-Македонија (ФООМ) го започна циклусот обуки „Подготовка за преговори“. Програмата ќе се реализира во соработка со Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) и Институтот за европска политика од Берлин (ИЕП). Првата обука ќе се одржи од 9.3.2012 до 11.3.2012 во Хотел Глигоров во Струмица.
Програмата има за цел да ги зајакне капацитетите и експертизата на граѓанскиот сектор за процесот на пристапување на Република Македонија во ЕУ, со особен акцент на специфичните знаења потребни за водење на пристапните преговори во областите:
• Судство и темелни права (Поглавје 23); • Социјална политика и вработување (Поглавје 19); • Политика на конкуренција (Поглавје 8) и • Заштита на потрошувачи и здравствена заштита (Поглавје 28).
Програмата, ќе ја следат 50 претставници на граѓанскиот сектор (НВОи, медиуми, академска и бизнис заедница, и други заинтересирани), а има за цел да креира четири тимови со претставници од граѓанскиот сектор кои ќе се стекнат со знаења и вештини за да придонесат во процесот на пристапување и преговари со ЕУ, во секое од четирите поглавја. Програмата се состои од 5 циклуси општи и специјализирани обуки и индивидуална истражувачка и аналитичка работа.
Општите обуки се наменети за сите учесници во Програмата и тоа:
• Институции, политики и финансиските инструменти на Европската унија; • Пишување ефективни документи за јавни политики (Writing Effective Policy Papers); • Техника и механизми на процесот на преговори - практични искуства од Хрватска.
Специјализираните обуки се состојат од циклус од две тродневни обуки за секој од поединечните тимови, со фокус во областите:
• Судство и основни права (Поглавје 23); • Социјална политика и вработување (Поглавје 19); • Политика на конкуренција (Поглавје 8) и • Заштита на потрошувачи и здравствена заштита (Поглавје 28).
Од учесниците во Програмата се очекува да истражуваат и подготвуваат анализи и policy papers (документи за јавна политика) на теми релевантни за процесот на пристапување на Република Македонија во ЕУ, со особен фокус на четирите поглавја.
Над 200 локални активисти ќе бидат обучени за мониторинг на децентрализацијата и јавните набавки
Фондацијата отворено општество-Македонија (ФООМ), во соработка со Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) и Центарот за развој на локалната демократија (ЦРЛД), од утре (9 март 2012 година), започнува со реализација на Програмата за обука на претставниците од граѓанскиот сектор за мониторинг на локалните власти во спроведувањето на децентрализацијата и јавните набавки.
Оваа програма има за цел да ги зајакне капацитетите и експертизата на граѓаните за мониторинг на процесот на децентрализација и на трошењето јавни пари од страна на локалните власти, како и за користењето на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во овие области.
Обуките на кои ќе учествуваат над двеста локални граѓански активисти, ќе се реализираат во периодот март-јуни 2012 година, и тоа во партнерство со десет граѓански организации од општините Битола, Велес, Гевгелија, Дебар, Кратово, Кичево, Ресен, Струга, Струмица и Штип.
Првите дводневни обуки за мониторинг на децентрализацијата и на процесот на јавни набавки започнуваат утре, на 9 март 2012 година. Во хотелот Романтик, во близина на Велес, ќе се одржи работилницата за мониторинг на децентрализацијата, на која ќе учествуваат претставници од граѓанските асоцијации во општина Велес, додека во Охрид, во хотелот Метропол, ќе се реализира обуката за мониторинг на јавните набавки, за граѓанските активисти од општина Ресен.
По завршувањето на обуките, локалните партнерски организации, во соработка со ФООМ, ЦРЛД и ЦГК, ќе подготват методологија за мониторинг и ќе формираат тимови за мониторинг составени од најуспешните учесници на обуките.
Во втората половина на 2012 година, со менторска помош од страна на ЦРЛД и ЦГК, локалните партнерски организации ќе го набљудуваат работењето на локалните власти и ќе изготвуваат извештаи од мониторингот што ќе и бидат достапни на пошироката јавност.
Работна средба: Што има ново?
Граѓанскиот сектор предлага унапредување на текстот и решенијата предвидени во Предлог - Стратегијата за соработка на Владата со граѓанскиот сектор во период 2012- 2017
Претставници на триесеттина здруженија на граѓани, на шести март 2012 година, одржаа работна средба под наслов „Што има ново“, посветена на тековните верзии на Предлог - Стратегијата за соработка на Владата на РМ со граѓанскиот сектор, која се однесува на периодот 2012-2017 година. На средбата беше заклучено дека Предлог-Стратегијата треба да обезбеди: воспоставување на ефикасен институционален механизам за дијалог меѓу Владата и граѓанскиот сектор, преку воспоставување на национално советодавно тело; услови за зајакнување на независната и институционалната поставеност на Одделението за соработка со граѓанските организации; услови за унапредување на учеството на граѓанските организации во процесите на креирање на политики и донесување на одлуки, преку воспоставување на конкретни и задолжителни механизми за консултација; доследна примена на Кодексот на добри практики за финансиска поддршка на граѓанските организации и затоа е неопходна негова задолжителност за сите органи на Владата; унапредување на одржливоста на граѓанскиот сектор преку воспоставување државен фонд за кофинансирање и институционална поддршка на граѓанскиот сектор како и унапредување на законскaта рамка која во потполност ќе го обезбеди правото на здружување и изразување мислење, како и финансиското и деловното работење.
На 23 февруари 2011 година во просториите на ОУ „Гоце Делчев“ во Босилово се одржа петтата форумска сесија на која учествуваа 85 жители на општината. Четирите предлог проекти, изработени од работните групи, беа ставени на гласање: „Асфалтирање игралишта во с.Моноспитово и с.Бориево“, „Замена на азбестни плочи и адаптација на кабинети во с.Турново“, „Изградба на повеќенаменски објект во с.Штука“, „Реконструкција на културниот дом во с.Радово“.
Учесниците на форумот како најприоритетен го избраа проектот „Изградба на повеќенаменски објект во с.Штука“ со вкупен буџет од 2.745.845 денари (1.250.285 денари од СДЦ и 1.495.560 денари од општината и партнерите). Второрангиран беше проектот „Замена на азбестни плочи и адаптација на кабинети во с.Турново“ и затоа остатокот од предвидените средства од проектниот фонд (1.299.165 денари) беше одлучено да се искористат за реализација на дел од овој проект - за замена на азбестните плочи.
Транспарентност Македонија: ГОДИШЕН ИЗВЕШТАЈ 2011
За состојбата во борбата против корупцијата и криминалот и транспарентноста во општеството
На ден 24 февруари 2012 година Транспарентност Македонија (ТМ) го промовираше Годишниот извештај 2011, кој е резултат од проектот „Месечни извештаи за состојбата во борбата против корупцијата и криминалот и транспарентноста во општеството“ поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Континурано, четврта година по ред со поддршка од ФООМ, ТМ непосредно да ги следи состојбите во врска со борбата против корупцијата и криминалот, како и состојбата со транспарентноста во општеството и во функционирањето на државните органи и другите институции кои располагаат и трошат јавни пари или други јавни средства и ресурси во Република Македонија.
Како резултат на континуираното следење на состојбите во повеќе области поврзани со неправилностите, кршењето на законските и на другите процедури, сомневањата за извршени коруптивни и криминални дела или за недостиг на транспарентност и јавност во работата на државата и нејзините органи и институции, во 2011 година ТМ објави два двомесечни извештаја (јануари–февруари и јули–август 2011 г.), осум месечни извештаи (март, април, мај, јуни, септември, октомври, ноември и декември) и 4 посебни соопштенија до јавноста, наведувајќи стотина конкретни случаи, но и феномени и системски тенденции од областите коишто беа предмет на опсервација. Овие извештаи дадоа детален пресек на повеќето недостатоци што се појавија во функционирањето на сите три гранки на власта, нудејќи конкретни препораки и совети во областа на одговорното и законското антикорупциско работење. Намерата на ваквата интензивна мониторинг-активност е актерите во македонската политика, надлежните државни органи и институции, како и граѓаните, конструктивно да ги сфатат овие јавни укажувања, предупредувања и препораки, како еден континуиран и објективен механизам за следење на состојбите во Република Македонија во областа на транспарентноста во општеството и борбата против криминалот и корупцијата.
Во оваа смисла, Годишниот извештај 2011 претставува селекција, но истовремено и симбиоза на најважните настани во повеќето области, интегрирани во повеќе тематски и логички целини, со цел полесно да се следат и систематизираат различните случувања во изминатата година, кои се тесно поврзани со феномените што беа предмет на месечна опсервација. Целна публика на овој годишен извештај не се само стручната и експертската јавност во РМ, туку и поширокиот граѓански аудиториум, кој со право е заинтересиран за тоа како се креираат политиките, како се трошат јавните пари и како се спорведуваат законите во областа на борбата против корупцијата и организираниот криминал во РМ.
За прибирање предлози/концепти за подготовка на документи за унапредување на јавни политки (policy papers) во областа на општествените науки
Фондацијата Отворено општество – Македонија, локална канцеларија на Регионалната програма за поддршка на истражувања во општествени науки/Западен Балкан (2011-2013) во Македонија, во рамките на предвидените активности за унапредување на јавните политики од областа на општествените науки во Македонија објавува повик за прибирање концепти за подготовка на документи за унапредување на јавните политки (policy papers) во областа на општествените науки.
Заинтересираните кандидати може да достават концепт за подготовка на документ за унапредување на јавните политики во рамките на следниве генерални теми:
1. Перспективите за младите истражувачи од Македонија во област на општествените науки и
2. Влијанието на истражувањата во општествените науки врз развојните процеси во Македонија
Можност за пријавување на овој повик имаат млади истражувачи од Македонија на возраст до 35 години.
Финансиската поддршка за секој избран концепт не може да надмине 115.000 денари (вкупни торшоци).
Краен рок за испраќање на пријавите е 19 март (понеделник) 2012.
За интегрална верзија на Повикот кликнете тука. За Формулар за пријавување кликнете тука.
Политичките партии не сакаат да зборуваат за своите пари
Политичките партии во Македонија се нетранспарентни во нивното финансирање, а институциите овластени за регулација на финансирањето многу слабо ги спроведуваат законските норми. Ова се генералните забелешки од тркалезната маса одржана на 15-ти февруари, каде што беше претставен годишниот Извештај за транспарентност во финансирањето на политичките партии, издаден од Транспарентност Македонија (ТМ) и Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ).
За потребите на Извештајот биле испратени 224 барања за добивање информации до 55 политички партии, како и до сите инволвирани субјекти кои се задолжени за регулација на финансирањето на политичките партии. Меѓу другото, од политичките партии на увид биле побарани и годишни финансиски извештаи за 2010 година, како и извештаи за финансирање на изборната кампања.
Според Предраг Трпески, професор на економскиот факултет, Македонија, по регулација на финансирањето на политичките партии, се наоѓа меѓу петте најдобро рангирани држави во Европа. Но, и покрај добрата регулација, заради партизираност на институциите задолжени за контрола на финансирањето, како и заради фактот што нивниот состав често се менува по партиски директиви, во Македонија се уште постојат коруптивни елементи во финансирањето на политичките партии.
Дека финансирањето на политичките партии е имуно на санкции, потврди и професорот на Правниот факултет Никола Тупанчевски. Според Тупанчевски, по последните предвремени избори, била донесена една судска пресуда, а најавена е и една кривична пријава, за неправилности при финансирањето на политичките партии. Тоа, според Тупанчевски не е доволно. „Постојат неколку неправилности во финансирањето, кои правно може да се санкционираат. Првата форма на неправилност е за неподнесување на извештаи. Втората е ненаведување на изворите на финансии и третата е пречекорување во потрошената сум. Сите знаеме дека овие неправилности во финансирањето биле чести појави кај политичките партии особено по завршување на изборите“ заклучи Тупанчевски додавајќи дека би било пожелно да се направи едно ново и независно тело кое ќе може да ги санкционира неправилностите.
За Ванчо Узунов пак, финансирањето на политичките партии е синоним за корупција и злоупотреба, бидејќи секој донатор на некоја политичка партија очекува „оплодување“ на донираните финансиски средства, односно привилегии доколку политичката партија дојде на власт. Според Узунов, класична злоупотреба се и државните субвенции кои многу лесно можат да се трансформираат во донации од приватни лица.
На тркалезната маса учествуваа повеќе интелектуалци од областа на правото, економијата и политичкиот систем, чиј заеднички заклучок беше дека под итно се потребни промени во Законот за финансирање на политичките партии, бидејќи сегашниот правен механизам не функционира.
Медиумите за тркалезната маса „Транспарентност во финансирањето на политичките партии“: Алфа ТВ, Фокус, Дневник, 24 Вести ( најава, прилог )
ТВ Ал-Џазира за лустрацијата во Македонија
ПРАВНА ПРОГРАМА
Започнува дистрибуцијата на роковникот за 2012 година, „Да не заборавам: Имам права!“
Правната програма при Фондацијата Отворено општество – Македонија подготви роковник за афирмација на примената на Законот за бесплатна правна помош и Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Роковникот кој ја содржи пораката ДА НЕ ЗАБОРАВАМ: ИМАМ ПРАВА!, наменет за активистите за човекови права и за студенти, ќе се дистрибуира бесплатно. Можете да го добиете и ако ни пратите е-маил на pravo@soros.org.mk.
Имајќи предвид дека особен фокус на правната програма е подобрување на заштитата на човековите права и набљудување на спроведувањето на новововедените механизми за заштита на човековите права, ФООМ спроведува кампања за афирмирање на правото на еднаквост и правото на слободен пристап. Од овие причини, ФООМ подготви роковник во којшто преку цитати, хронологија на настани, квиз и преку обработка на случаи од праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, ќе ги запознае граѓаните со фудаменталните права – правото на еднаквост и правото на пристап до информации. Воедно, роковникот ги афирмира правата и преку информативните прилози поврзани со имплементацијата на Законот за бесплатна правна помош и Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Дистрибуцијата на роковникот се врши во ГЕМ клубот (ул. Караорман бб).
Лустрацијата не смее да се однесува на политичка чистка
Лустрацискиот процес во Македонија е еден од неколкуте во регионот кој отиде во погрешна насока, или со други зборови, тој стана алатка во рацете на власта за стигматизација на нејзините непријатели.
Од Хералд Шенкер Скопје, 27 јануари 2012 година
Општествата контаминирани со тоталитаристичка манипулација треба да се исчистат. Оваа вистина толку е едноставна колку што е невозможна за реализација. Јас не познавам ниту еден случај на лустрација кој мина неоспорен од страна на поранешните сторители. Проблемот е во демократиите каде и поранешните манипулатори имаат право на глас, дури и по нивната лустрација, судската осуда, или каква било друга мерка изречена против нив.
Во идеална ситуација, овој процес пред сѐ има социјален карактер. Важно е ваквите информации да бидат јавни. Важно е да се обелоденат кривичните дела сторени од страна на тоталитаристичките режими, тие да станат дел од колективната меморија и да се осудат. Важно е за нив да се предава, детално да се истражуваат и потоа истите детали да се стават на располагање на јавноста.
Се разбира, неприфатливо е поранешните сторители на овие кривични дела и нивните доушници, оние без’рбетниците, да не се именуваат на јавни функции, барем за одреден временски период. Се разбира дека непријавувањето на сопствениот статус како соработник на тајните служби треба да се казни. Така е во теоријата. Погледнете ги земјите како Романија или Бугарија каде голем дел од политичките елити се појавија токму од редовите на поранешните сторители.
Погледнете ја Германија по падот на нацистичкиот режим, и Западна и Источна Германија (да, да, и таму има вакви случаи) каде поранешните нацисти се користеа како експерти во нивните соодветни области, и покрај де-нацистификацијата, и покрај различните демократски заложби. Погледнете ја Германија денес, каде поранешните сторители на кривични дела не само што имаат сопствени политички партии и групи на интереси, туку и активно се борат против лустрациските постапки, иако не со голем успех.
Сепак, Германија е и пример за фер право и постапка. Повеќе од 20 години по падот на комунистичкиот режим, архивите сѐ уште се отворени, жртвите сѐ уште добиваат пристап до нивните досиеја, сторителите сѐ уште може да се гонат, а доушниците можат да ги изгубат своите работни места во јавниот сектор.
Јавноста овде е клучен збор. Јавната функција е единственото поле на интерес на државата во овој процес. Државата не ја засега дали една приватна компанија или организација вработува поранешен член на Штази или доушник.
Ова може да се чини дегутантно, но кој очекува приватните работи секогаш да бидат морални и етички? Со други зборови, кој има право да суди за тоа? Романија е различен пример. Таму се чуваат досиејата на жртви водени за моите родители, како и оние водени за неколкумина од моите блиски пријатели, инаку поранешни дисиденти. Овие досиеја се нецелосни и погрешни. И тоа нема да се смени. Зошто? Бидејќи тие беа под контрола на сторителите на кривични дела за период подолг од една деценија по падот на режимот. Досиејата се изманипулирани, преправани и уништени до тој степен што соодветна реконструкција на настаните ќе биде исклучително комплексна задача.
Третиот пример е Македонија. Овде процесот започна со задоцнување од две децении и содржи пропусти во речиси секој аспект. Како и многу други работи во Македонија денес, процесот на лустрација е предмет на политичка чистка.
Наместо да поттикне јавна дебата за улогата на самопрогласените елити во поранешна Југославија и дискусија за соработката на голем дел од населението со системот кој ги обесправуваше другите делови, целата работа се сведе на јавно објавување на наводните доушници.
Ќе ги прескокнам деталите за тоа како комисијата надлежна за овој процес е сѐ освен независна и како политичките елити создадоа уште една политизирана институција којашто по потреба можат да ја злоупотребуваат во јавноста. Зборувам за политичките елити во множина бидејќи и денешната влада и опозицијата имаат свој удел во создавањето на оваа збрка. Тоа го направија намерно, со цел да се стекнат со контрола, да добијат уште едно оружје за пресметка со политичките непријатели.
Проблемот е во тоа што „другиот“ навистина е непријател, а не само опонент. На тој начин политиката се персонализира, што пак, е вообичаено во овој дел од светот, па така целото општество се држи како заложник на егото на неколкумина. Лустрацискиот процес е жртва на истите рефлекси.
Зошто инаку би се донела политичка одлука лустрацијата да се прошири и во однос на временската рамка и во однос на лицата кои треба да ги опфати? Да им објаснам на оние кои не се запознаени со оваа проблематика: според Законот за лустрација кој е во сила, овој процес го опфаќа и периодот на 90-тите, деценија на демократија, којашто колку и да била транзициска и неперфектна, сепак е демократска.
Кревате веѓи во чудење? Второ, законот сега налага лустрација на претставниците на граѓанското општество и на новинарите. Не ви се верува? Ви се вклучува светлото за аларм?
Моќните опоненти на власта кои доаѓаат од редовите на граѓанското општество и медиумите веќе со години се стигматизираат како предавници. Лустрацискиот процес, онака како што денес се спроведува, е обид ваквиот процес на стигматизација да добие еден вид диплома, парче хартија што не може да се негира, побие или заборави.
Без оглед на околностите, штетата е веќе направена. Лустрацијата се однесува на минатото и таа не смее да се помеша со политичките чистки.
Одлуката на македонскиот уставен суд за укинување на 12 одредби од Законот за лустрација заслужува пофалба. Надежите се дека таа одлука ќе помогне процесот на лустрација да се врати онаму каде навистина припаѓа: во откривање на кривичните дела од минатото.
Исто така, надеж постои и дека тоа ќе испрати јасен сигнал до политичките елити да ја продолжат својата пресметка во арената што е вистинско место за неа: во политичката арена на денешницата, во институциите, а не во мрачните ходници на поранешните тајни служби.
Наслов на оригиналот: Lustration Should Not be About Purges Од: Harald Schenker
Политичкото „чистење“ во Македонија се соочува со испит пред суд
Од МЕТЈУ БРУНВАСЕР Објавено во Њујорк Тајмс на 24 јануари 2012 година
Повеќе од 20 години откако поголемиот дел од Источна Европа го чистеше јавниот живот на агентите, известувачите и другите приврзаници на комунистичкиот систем, сега на ред е Македонија.
Владата, со седиште во Скопје, е во завршната фаза од спроведувањето на нејзината широка програма, принудувајќи ги луѓето од најразлични професии на давање заклетва дека не биле соработници, и предизвикува судир со највисокиот суд на државата, којшто ја прегледува уставноста на мерката.
Во рамките на оваа мерка, новинарите и вработените во невладините организации, политичките и верските организации се обврзани да поднесат изјава до 31 јануари во врска со тоа дали некогаш соработувале со службите за државна безбедност.
„Сакаме да отвориме нова страница и да изградиме демократско општество според модерни вредности, а не општество што се темели врз стари врски формирани во текот на комунистичкиот период“, рече Илија Димовски, пратеник во Парламентот од владејачката партија – Внатрешна македонска револуционерна организација, централно-десничарска партија, во понеделникот во телефонско интервју од Скопје.
Додека повеќето слични програми од Источна Европа се стремеа да помогнат во олеснувањето на транзицијата од тоталитарен во демократски систем на владеење во раните 90-ти години, програмата на Македонија дури сега влегува во сила, предизвикувајќи загриженост за нејзината ефективност и стравови дека законот се користи за да се замолчат политичките противници.
Како резултат на тоа, Уставниот суд ќе донесува одлука по оваа програма во среда. Со одлуката може да се запре целиот процес, да се дозволи да продолжи или да се укинат некои одредби.
Програмата издвојува поединци од стариот комунистички режим, кој заврши во 1991 година со распадот на Југославија и поделбата на федерацијата од шест југословенски републики на седум независни држави.
Според Комисијата за верификација на фактите, владино тело задолжено за управување на процесот, примени се повеќе од 10.000 изјави од сегашни и поранешни државни функционери. Oд околу 4.000 обработени случаи, за 26 лица било утврдено дека се соработници. Петнаесет лица ги обжалија наодите пред суд. Томе Аџиев, претседател на комисијата, рече дека политиката не може да влијае врз работата на Комисијата.
„Ние немаме притисок од власта“, изјави тој во телефонското интервју од Скопје. „Ние само ги утврдуваме фактите“.
Ваквите програми во регионот правно се познати како лустрација - од латинскиот збор што значи „ритуално прочистување“. Ана Петрушева, директорка на Балканската истражувачка мрежа на Македонија, непрофитна он-лајн медиумска група, ја поддржува целта на лустрацијата: чистење на оние кои ја злоупотребиле службената моќ во стариот систем и отворање на досиејата на поранешните државни безбедносни служби.“
Но, г-ѓа Петрушева изјави дека начинот на кој владата го води процесот „служи само за манипулација и политички притисок“.
„Во Скопје е присутно чувството дека ова е уште еден начин да се создаде притисок врз новинарите“, рече г-ѓа Петрушева, која иако имаше само 15 години во 1991 година, ја достави својата изјава.
Обвинувањата за политичко влијание се поткрепени со фактот дека сите тројца функционери кои се соочуваат со отстранување од функцијата според законот се политички противници на владејачката партија. Едниот од нив, Владимир Милчин, театарски режисер и директор на Фондацијата Отворено општество во Македонија, поднесе жалба на одлуката на Комисијата за лустрација за отпуштање од неговата позиција како универзитетски професор. Фондацијата е еден од најголемите финансиски поддржувачи на граѓанското општество и на организациите за борба против корупцијата во земјата.
„Владимир Милчин има значаен углед како глас на либералните вредности во земјата“, рече Арија Нaер, претседател на фондациите Отворено општество, минатата есен во телефонско интервју од Њујорк. Осврнувајќи се на г. Милчин, г. Нaер на интервјуто рече „се чини дека дискредитирањето на некој како него има голема политичка вредност за владата“.
Г. Милчин, кој има 64 години и кој сега се движи со двајца телохранители, рече дека тој е посочен како некој што ја „предаде“ Македонија. „Ова е многу сериозно“, рече г. Милчин. „Ова значи дека кога шетате низ центарот на градот, луѓето извикуваат ‘срам да ти е’ и ‘предавнику’“.
На 25 јануари во просториите на ОУ „Гоце Делчев“ се одржа четвртата сесија на форумот во општина Босилово. Четири работни групи ги претставија своите предлог проекти на тема образование и култура. Еден од одобрените концепти на проекти од третата сесија беше откажан во текот на подготовката на документацијата поради имотно-правна и финансиска неизводливост. Изработените предлог проекти беа дискутирани од страна на стотина жители на општината и претставници на локалната самоуправа. Форумот ги одобри сите четири предложени проекти понатаму да се разработат и подготват за гласање за избор на проектите кои ќе бидат финансирани од проектниот фонд (вкупно 3,800,000 денари, од кои 1,900,000 денари од Швајцарската агенција за развој и соработка и 1,900,000 од Општина Босилово). Гласањето ќе се спроведе на наредната форумска сесија, која ќе се одржи кон крајот на февруари.
КОНКУРС
За професионален развој на РМУСП стипендисти за академската 2011/12 година
Ромскиот образовен фонд (РЕФ) во рамките на Програмата за стипендирање на студенти Роми (РМУСП) објавува конкурс за Професионален развоја за стипендистите на РМУСП Програмата за академската 2011/12 година.
Програмата за професионален развој (ППР) има за цел да ги поддржи стипендистите на РМУСП во академската 2011-2012 година во активности како што се истражувачи проекти, програми за практиканти, летни школи, програми за стажирање или курсеви за јазик во рамките на признати универзитети, училишта за странски јазици и други организации во и надвор од земјата на живеење.
Критериуми за избор:
• кандидатите треба да бидат РМУСП стипендисти во моментот на поднесување на on-line апликација за грант • да поднесат целосно пополнета пријава • да обезбедат уверение за положени испити од првиот семестар во академската 2011/12 година • да обезбедат оригинал документ за прифаќање на научно истражување, писмо за учество на програми за практиканти, летна школа, програми за стажирање или понуда за изучување на странски јазик во рамките на признати универзитети, училишта за странски јазици или друга организација во и надвор од земјата на живеење.
Кандидатите треба да имаат во предвид дека ретроактивно исплаќање на грантот за настани кои веќе се одржале не е возможно и истите нема да бидат прифатени!
Забелешка: Во рамки на Програмата ќе бидат разгледувани апликациите само на оние кандидати кои ги исполнуваат критериумите за конкурирање во Програмата, кои испратиле целосно потполнета пријава и ги почитувале крајните рокови посочени во упатството за конкурирање. Национална комисија за селекција ќе доделува стипендии врз основа на конкуренција на оние кандидати чии што пакети со пријави имаат највисока квалитативна вредност, кандидати кои имаат висок академски успех, кандидати кои се општествено ангажирани, имаат квалитетни препораки, како и врз основа на препораките на комисијата.
Рокот за електронското (on line) пријавување за дополнителната поддршка е: прв рок 28 ФEВРУАРИ 2012 и втор рок 30 МАJ 2012.
Ве молиме имајте предвид дека, сите заинтересирани кандидати ќе можат да аплицираат исклучиво по електронски пат (on-line): Електронската пријава и детални инфорамции за потребните документи, за процесот на пријавување и селекција, критериуми, и др. можете да ги најдете на веб страната:
Подетални информации и објаснувања поврзани за конкурсот, можете да добиете во ФООМ, лице за контакт Ајсел Мемет, тел: 02 247 71 07 моб. 071/232-861 е-mail: ajsel.memet@soros.org.mk
ПОВИК
За регионални истражувачки предлог проекти во област на општествените науки 2012
Повикот за регионални истражувачки предлог проекти е отворен за истражувачи и институции од и лоцирани во Западен Балкан.
Истражувачките теми со кои се аплицира треба да се релевантни на транзиционите тематики и истовремено да опфатат и анализираат специфични проблеми од општествено-научна перспектива. Дополнително, предлогот мора да одговара на регионалната тема “Политички, социјални и економски промени во Западен Балкан“. Ова ги вклучува следниве приоритетни области:
Повеќе од етникум: 1. Општествени и економски промени и предизвици на (новите) општествени разлики 2. Држави, мрежи и неформалност
Програмата за промоција на регионални истражувања (ППРИ) во Западен Балкан, финансиски поддржанa од Швајцарската агенција за развој и соработка, е насочена кон воспоставување и зајакнување на истражувачките капацитети во област на општествените науки во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија. Во Македонија програмата ја координира Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Зборно место
Случајот Нешкоски е случај на државна тортура
Актуелната пресуда во случајот на Мартин Нешкоски, и не проширување на истрагата врз други чинители и соучесници на кривичното дело, беше тема на дебатата „Соучесници во злосторот“ од циклусот „Зборно место“, одржана на 19-ти јануари во ГЕМ Клубот.
Според експертот за човекови права Мирјана Најчевска, соучесништвото во овој случај има поширок контекст. Соучесници се сите оние кои на некаков начин влијаеле за време и непосредно по убиството. Соучесник се и јавниот обвинител и истражниот судија кои не излегле навреме на местото на настанот,, не го обезбедиле местото, како и полицајците кои не го привеле Игор Спасов, туку помогнале да се премести телото, заклучи Најчевска, додавајќи дека соучесници може да се побараат и во други државни органи, односно кај оние кои се обидувале да го прикријат убиството на Нешкоски. За Најчевска, самиот чин на убиство, како и истрагата, а потоа и целиот судски процес претставува чин на државна тортура. Симптоматично за Најчевска е тоа што Судот не ја тргнал доверливоста од службената тајна на МВР, иако тоа можел да го стори и без да бара дозвола од МВР.
Александар Нешкоски, братот на Мартин, изјави дека имало доста нелогичности во исказите на сведоците-полицајци, а секој сведок кој сакал да каже нешто повеќе веднаш бил прекинуван и не му биле поставувани никакви дополнителни прашања. Александар разочарано констатираше огромен број недостатоци во истрагата и судскиот процес. Како пример за вмешаност на највисоките државни органи, Александар го посочи фактот што иако Мартин во себе имал лична карта, МВР два дена го криела идентитетот на убиеното момче. Братот на Мартин најави дека неговото семејство нема да се задоволи само со казната на Спасов и најави нови тужби против сите соучесници, а не ја исклучи можноста и за тужба во Судот за човекови права во Стразбур.
Во делот предвиден за коментари и прашања, покрај неколкуте коментари од публиката, Александар истакна дека секојдневно се соочува со закани, но тоа нема да го исплаши да ја истера правдата на видело.
Проект: „Легализација на домувањето за Роми“
Потпишан договорот за имплементација на проектот „Легализација на домувањето за Роми“
Фондацијата Отворено општество - Македонија (ФООМ), Здружението Национален Ромски Центар (НРЦ) и Здружението за хумано домување Хабитат - Македонија на 18-ти јануари го потпишаа договорот за соработка и имплементација на проектот „Легализација на домувањето за Роми“. Проектот ќе обезбеди финансиска, административна и техничка помош за легализација на домови во кои живее ромско население, а ќе трае од 2012 до 2015 година.
Во воведот на потпишување на договорот, извршниот директор на ФООМ, Владимир Милчин, истакна дека ова е голем проект со кој се решава еден од проблемите на маргинализираните заедници, и проект со кој ќе се опфати и четвртиот сегмент од Декадата на Ромите - домувањето. Вкупниот буџет на проектот изнесува 905.208 УСД, од кои Канцеларијата за Ромски иницијативи – Будимпешта учествува со 430.728 УСД, 405.995 УСД се од Ургентниот соросов фонд, „Хабитат - Македонија“ учествува со 55.817 УСД, додека пак, Фондација Отворено општество - Македонија учествува со 12.668 УСД.
Претседателот на НРЦ, Ашмет Елезовски изрази надеж дека проектот пред се ќе успее да ги информира Ромите, а потоа и комплетно да им помогне во процесот на легализација. За таа цел, НРЦ веќе има отворено Ресурсен центар во Куманово, каде што сите заинтересирани Роми можат да добијат техничка и правна помош во процесот на легализација на нивните домови.
Објаснувајќи ја улогата на „Хабитат – Македонија“, извршниот директор Зоран Костов истакна дека организацијата, во соработка со микрокредитна институција, ќе им помага на Ромите преку обезбедување на многу поволни бескаматни микрокредити и техничка помош. Проектот значително ќе ја намали правната несигурност и ќе обезбеди сигурни домови, од аспект на нивната статика и изглед, но и сигурна иднина.
ПРОГРАМА ЗА РЕФОРМА НА ЈАВНАТА АДМИНИСТРАЦИЈА И ЛОКАЛНАТА САМОУПРАВА
Општинските услуги повторно послаби од тројка
Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ) и Центарот за развој на локалната демократија (ЦРЛД) на 26-ти декември ги преставија резултатите од теренското истражување спроведено во 12 општини, кое има за цел да го утврди степенот на задоволство на граѓаните од услугите кои ги добиваат на локално ниво. Истражувањето е дел од проектот „Транспарентна и ефикасна децентрализација“, кој ФООМ и ЦРЛД го спроведуваат од август 2010 година и е второ вакво истражување, по она спроведено во ноември 2010 година.
Резултатите од годинешното истражување покажуваат дека граѓаните ги оцениле услугите што ги добиваат на локално ниво со вкупна просечна оцена од 2,81. Иако постои благо зголемување на вкупното просечно задоволство на граѓаните од општинските услуги од 2,71 во 2010 година на 2,81 во 2011 година, фактот дека вкупната средна оцена сеуште е под просечната оцена (3) укажува на тоа дека се потребни значителни натамошни напори за подобрување на локалните услуги преку стимулирање на процесот на децентрализација. На пример, значаен е податокот дека на ниво на РМ, ниту една општинска надлежност, ниту пак некоја конкретна услуга од било која надлежност, во просек не постигна просечна вредност поголема од 4.
Гледано низ области, услугите во образованието, културата и спортот се услуги кои се најдобро оценети со средна оцена од 3,24, додека општините давале најлоши услуги во областа на социјалната заштита каде се оценети со просечна оцена од 2,39. Втора најлошо оценета област и во 2011 година, како и во 2010, останува областа локален економски развој со 2,48.
Клучните наоди од истражувањето можете да ги преземете овде.
ПРАВНА ПРОГРАМА
Коментар на законот за Слободен пристап до информациите од јавен карактер
Скопје, 21 декември 2011. Правната програма на Фондацијата Oтворено општество – Македонија (ФООМ) е посветена на промовирање на транспарентноста и отчетноста на институциите, почитување на човековите права и поддржување на реформите на правниот систем во Република Македонија. Приоритет на програмата е да го охрабри јавното учество во овие процеси. Затоа ФООМ го публикуваше Коментарот на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер кој ќе им помогне, но и ќе ги поттикне граѓаните и здруженијата да бараат остварување на нивното правото на пристап до информациите кои ги креираат властите. Во оваа насока е и изјавата на Џон Рајд, канадски политичар и поранешен Комесар за информации на Канада кој вели: „Во најголема мера, претставниците на власта ја сакаат тајноста, бидејќи таа е алатка за моќ и контрола, а не затоа што информацијата што ја имаат е особено чувствителна според својата природа“.
Дополнително, во публикацијата на македонски јазик се додадени: Конвенцијата на Советот на Европа за пристап до јавните докумнети, која Република Македонија ја има потпишано но не и ратификувано, како и Општиот коментар бр.34 на Комитетот за човекови права на Обединетите нации на членот 19: Слободи на мислење и изразување од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права.
За да ви доставиме печатен примерок од публикација ве молиме да не’ контактирате на e-mail: pravo@soros.org.mk
Прилеп: Трибина „Каде се европските пари?“
Стопанството нема доволно информации и капацитети за фондовите на ЕУ
Фондацијата Отворено општество - Македонија (ФООМ), Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) и НВО Инфоцентарот, на 21 декември 2011 година, во хотелот Кристал Палас, во Прилеп, организираа трибина на тема „Каде се европските пари?“. Фокусот на трибината беше врз финансиските инструменти што Република Македонија ги има на располагање во процесот на приближување кон Европската унија. Воведничари беа Анета Додевска, новинар во ТВ 24 вести, Борче Чупетрески, бизнисмен и Лидија Димова од МЦЕО, а трибината ја модерираше Бојан Маричиќ, исто така од МЦЕО.
Македонија се соочува со опасноста да изгуби голем дел од програмираните европски пари заради слабата апсорпциска моќ и нискиот капацитет на државната администрација. Според Лидија Димова, државава многу малку ги користи европските финансиски инструменти. Димова посочи дека средствата од ИПА програмата, програмирани во 2007 година, досега се искористени во висина од само 24,8 отсто, додека средствата од ИПА во 2008 година се искористени во висина од минимални 0,3 отсто. Според Димова, она што дополнително загрижува е фактот дека Владата не ги програмира европските пари на задоволително ниво и во консултација со сите засегнати фактори во општеството, како и тоа дека во Поглавјето 19 кое се однесува на вработувањето и социјалната политика, Владата досега не испрограмирала ниту денар од Првата компонента на ИПА наменета за институционална поддршка.
Анета Додевска истакна дека ликвидноста на приватниот сектор во државава е проблематична и дека пристапот до пари за бизнис заедницата станува се потежок. Оттаму произлегува и потребата стопанство максимално да ги искористи ИПА фондовите наменети за инвестиции. Сепак, искуствата на земјоделците и фармерите покажуваат дека процесот на апликација и искористување на европските пари е исклучително тежок пред се заради бројните административни бариери и ограничените човечки капацитети. Имајќи го предвид ова, Додевска нагласи дека државата мора да им даде соодветна логистичка поддршка на стопанствениците, како и да спроведе агресивна кампања за тоа што значат, кому му се наменети и кој може да ги користи европските фонодови.
Борче Чупетрески нагласи дека бизнис секторот во Македонија има многу малку информации за можностите што ги нудат фондовите на ЕУ, но и дека нема доволно човечки капацитети за подготовка на проекти кои би ги задоволиле европските критериуми. За него исклучително загрижувачки е податокот дека македонското стопанство наместо да ги искористи сите 50 милиони евра од холандската влада наменети за Македонија, искористило само 750.000 евра, а остатокот е пренаменет за земјите во регионот. Токму затоа, Чупетрески предложи Владата и јавните институции наместо да трошат јавни пари на јалови и непотребни медиумски кампањи, да го поддржат бизнис секторот и да го зголемат интензитетот, квалитетот и транспарентноста на информациите за европските фондови, а бизнис заедницата во соработка со граѓанскиот сектор да ги унапреди и зајакне своите капацитети за подобро искористување на финансиските инструменти на ЕУ.
Аудио запис од трибината
Битола: Трибина „Каде се европските пари?“
Владата недомаќински ги менаџира долговите на државата
Фондацијата Отворено општество - Македонија (ФООМ), Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) и НВО Инфоцентарот, на 20 декември 2011 година, во хотелот Милениум, во Битола, организираа трибина на тема „Каде се европските пари?“. Фокусот на трибината беше врз финансиските инструменти што Република Македонија ги има на располагање во процесот на приближување кон Европската унија. Воведничари беа Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии; Ида Протугер, новинар и Лидија Димова од МЦЕО, а трибината ја модерираше Бојан Маричиќ.
Македонија многу слабо ги троши европските пари. Државата нема апсорпциска моќ, а државната администрација има исклучително низок капацитет кој резултира си неможност да се искористат сите расположливи европски фондови. Средставата од ИПА програмата, програмирани во 2007 година, истакна Лидија Димова, досега се искористени во висина од 24,8 отсто, додека средствата од ИПА во 2008 година, досега се искористени во висина од минимални 0,3 отсто. Ваквата слаба искористеност, констатира Димова, може да доведе до губење на програмираните средства бидејќи тие не можат да се пренаменат. За неа е загрижувачи фактот дека Владата не може да ги искористи средствата кои самата ги програмирала со Европската унија, како и фактот дека Македонија не учествува во многу програми кои обезбедуваат дополнителни средства, како на пример, Интелигентна енергија Европа и др.
Владата, според Џевдет Хајредини, недомаќински ги менаџира долговите на државата кон странство. Ваквото зголемено задолжување претставува грев спрема идните генерации и укажува на отсуство на одговорност на Владата спрема иднината на оваа држава. За Хајредини дискутабилен е квалитетот на задолжувањата кои немаат развојна компонента и според него Министерот за финансии треба да даде јавен одговор на прашањето зошто е влошена состојбата со јавните финансии во Македонија.
Ида Протуѓер рече дека Македонија од 2008 година помина дури четири изборни циклуси и стопанството наместо да инвестира во развој, својот профит го потроши на политичките партии и изборите. Според Протуѓер, постои маѓепсан круг на соработка меѓу Владата и фирмите. Од една страна, стопанствениците се уценети од Владата, а од друга страна тие се заинтересирани за тендерите кои дури и да ги добијат не се гаранција дека Владата ќе им ги исплати договорените финансиски средства. Стопанството, заклучи Протуѓер, не ги користи европските пари делумно затоа што фирмите не се доволно информирани за европските фондови, но и заради недостиг од институционален капацитет, како на државната администрација, така и на самите фирми.
Раде Христовски истакна дека бизнисмените немаат големо практично искуство поврзано со европските пари кое можат меѓусебно да ги споделат, дека немаат доволно информации за европските фондови, а дека државната администрација има слаб капацитет да одговори на на нивните потреби и констатира дека оваа состојба целосно ги обесхрабрува фирмите да аплицираат за некои од европските фондови. Според него, во Македонија нема амбиент за работа на малите и средни претпријатија. Нема дополнителен импулс за вработувања, но има драконски казни. На крајот, Христовски заклучи дека државата мора да биде партнер и пријател на стопанството.
Аудио запис од трибината
„Зборно место“ со гости од Хрватска:
Мора да се избориме за поширок граѓански активизам
На дебатата од циклусот „Зборно место“, одржана на 15-ти декември 2011 година, свои излагања имаа Теодор Целакоски, од иницијативата Право на град, од Загреб и Емина Вишниќ, раководител на првата хибридна институција во регионот, „Погон - центар за независна култура и млади.“ Гостувањето на Вишниќ и Целакоски, според домаќинот на дебатата Искра Гешовска, е знак да се соберат последните сили за создавање на самоорганизирана група која би се спротивставила на моменталната ентропија.
Емина Вишниќ го претстави моделот на дејствување на „Погон“, организација која функционира по моделот на јавно-приватно партнерство, помеѓу градот Загреб од една, и граѓански културни организации од друга страна. Според Вишниќ, денешниот „Погон“ е резултат на долгогодишен културен и граѓански активизам, односно вршење на постојан притисок врз градските власти напуштените индустриски капацитети да се пренаменуваат во културни и мултимедијални центри. Благодарение на низа акции, како насилно вселување во стари фабрички погони, јавни дебати, герила маркетинг и слично, градот Загреб на крајот доделил простории во кои денес е сместена културната установа „Погон - центар за независна култура и млади“. Па така, денес „Погон“ може да се пофали со голем културен центар кој е сместен во стара и напуштена фабрика, а кој има широка достапност за разни културни настани.
Теодор Целакоски од „Право на град“ ги презентираше активностите на својата организација во поглед на подигнување на граѓанската свест за основни локални проблеми и девастација на јавните простори, особено преку случаите на узурпација на улицата „Варшавска“ и Цветниот плоштад во Загреб. Целаковски потенцираше дека „Право на град“, за првпат во модерната историја на Хрватска, успеал да ја подигне широката граѓанска свест на едно повисоко ниво. Демонстрациите, јавните кампањи и разните илегални активности на „Право на град“ во случајот со „Варшавска“ во голема мера ималe и влијание врз рејтингот на Милан Бандиќ, градоначалникот на Загреб. Целакоски истакна дека сите нивни активности биле финансирани од донации на граѓани и некои ситни европски грантови, но нивните активности секогаш се соочувале со разни притисоци од локално и државно ниво, а организацијата често била и парично казнувана. „Партиите и личностите се менуваат, но јавните интереси секогаш ќе останат исти“, порача Целакоски.
ПРАВНА ПРОГРАМА
Транспарентност во финансирањето на политичките партии
Транспарентност Македонија (ТМ) и Фондацијата Отворено општество - Македонија (ФООМ) го спроведуваат проектот „Транспарентност во финансирањето на политичките партии“, преку кој континуирано се следи и се анализира финансирањето на политичките партии. Свесни за тоа дека станува збор за комплексна операција, преку проектот се обидуваме да ги идентификуваме сите неправилности и кршењето на законските норми, но и недостигот од транспарентност и јавност во работата на политичките партии.
Од направената анализа може да се заклучи:
• И покрај тоа што можат да се идентификуваат повеќе недостатоци во законската рамка, исклучително е поразителен фактот дека постои непочитување на постоечките норми и од страна на политичките партии, но и од надлежните институции, особено во врска со тековното финансирање. Ваквата забелешка беше вметната и во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија во 2011. Висок процент од регистрираните политички партии, односно организаторите на изборните кампањи, не поднесуваат финансиски извештаи до надлежните институции. Битно е да се забележи дека постои разлика во почитувањето на овие одредби во тековното финансирање и во финансирањето на изборната кампања, па така процентот на исполнители на обврските се движи од приближно 11% од регистрираните политички партии, споредено со приближно 83% од организаторите на изборните кампањи. Веројатно ова се должи на фактот дека за време на изборите политичкиот влог е многу поголем, па партиите што се натпреваруваат покажуваат поголема подготвеност за почитување на Законот;
• Недоволно прецизен и детално пропишан образец за финансиските извештаи, што остава простор за давање неточни и/или непотполни информации од страна на организаторите на изборните кампањи;
• Нејаснотии поврзани со видот и висината на донациите поради кои се јавуваат потенцијални прекршоци, и
• Зголемен тренд на неподготвеност на политичките партии што се јавуваат како организатори на изборните кампањи за транспарентно работење и соработка со јавноста (само 35% од организаторите на кампањи одговорија на барањата за информации од ТМ).
Апсењето, судскиот процес и пресудата против лидерот на Обединети за Македонија Љубе Бошкоски, се полни со недостатоци и отстапки од правните норми, што е само доказ дека целиот случај е политички монтиран. Ова е генералниот заклучок од дебатата одржана на 13-ти декември во ГЕМ Клубот.
Отворајќи ја дебатата, модераторот Жарко Трајаноски напомена дека и после две недели од завршување на финалното рочиште, ниту јавноста, ниту пак одбраната на Бошкоски имаат добиено пресуда во печатена форма, што е еден од многуте недостатоци на судскиот процес.
Излагањето на сопругата на Бошкоски, Виолета Бошкоска, започна со сведоштва од приведувањето на нејзиниот сопруг, кој неколку дена после чинот на апсење, сè уште имал знаци кои покажувале дека врз него била применувана физичка сила. Бошкоска потсети дека нејзиниот сопруг притворот го издржува во крајно тешки услови, делејќи ја ќелијата со уште тројца, иако таа е наменета за само еден човек.
Целиот чин на апсење според Мирјана Најчевска отстапувал од сите прописи. „Ние во случајот на Бошкоски имавме апсење кое е надвор од сите прописи. Направен е претрес без налог, без минимум двајца сведоци. А не видовме ни записник кој би бил потпишан од лицето кое било претресувано. Сè ова укажува на тоа дека се работи за конструиран случај“ – заклучи Најчевска, додавајќи дека власта со ова ја покажува својата семоќност при недостаток на заштитни правни механизми за санкционирање на ваквите очигледни кршења на човековите права.
Од друга страна, осврнувајќи се на целиот судски процес, професорот Гордан Калајџиев, го доведе во прашање учеството и својството на заштитениот сведок, додавајќи дека начинот на кој заштитениот сведок давал исказ, служел единствено како алатка за намалување на маневарскиот простор на одбраната на Бошкоски. „Сведочењето на заштитениот сведок не го задоволи критериумот за фер судење“ порача Калајџиев кој исто така го спомена и исклучувањето на јавноста како доста тешка повреда врз судската постапка. „Процесот тешко дека ќе доживее пресврт во нашите судови, но само со ова кршење на постапката, односно само со тоа што јавноста беше исклучена од процесот, случајот има големи шанси пред Судот во Стразбур.“
Во делот предвиден за коментари и прашања од публиката, преовладуваа ставовите дека Бошкоски е жртва на актуелната власт, но истовремено е и заплашување на останатите критичари на политиките на власта. Голем дел од мислењата беа вперени кон тоа дека е потребно да се создаде што поголема критична маса, но и да се разбуди елитата, особено правната и научната.
ПРОГРАМА „ФОРУМИ ВО ЗАЕДНИЦАТА”
Петта сесија на буџетскиот форум во Боговиње
На петтата, последна сесија во Боговиње, Форумот одлучуваше кои препораки ќе влезат во буџетот за следната година и кој проект е приоритетен за финансирање за 2012. На сесијата, одржана на 9 декември, од присутните 130 граѓани кои ги посетуваа форумските сесии, стотина имаа право на глас.
Во текот на претходните сесии учесниците на буџетскиот форум дадоа вкупно 40 препораки, од кои 15 се вклучија во буџетот. На оваа сесија општината даде образложение за сите препораки кои не беа прифатени: десет се во надлежност на органите на централната власт, четири проекти привршуваат, три се одбиени поради имотно-правна или финансиска неизводливост, а за осум ќе се бараат средства од други донатори. Сепак, Форумот доби ветување дека општината ќе се заложи да обезбеди средства, како и да лобира кај надлежните за да се реализираат препораките на форумот.
Од предложените четири проекти кои беа ставени на гласање, со мнозинство на гласови од работните маси беше избран проектот „Уредување на коритата на реките во Боговиње и Пирок“.
Македонија што побрзо да ја искористи пресудата од Хаг
Владата мора што побрзо да ја материјализира поволната пресуда од Судот во Хаг, бидејќи со тек на времето, пресудата ќе губи од својата вредност и актуелност. Ова е пораката од дебатата „Правните и политичките прашања поврзани со пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг“ која се одржа на 10 декември во ГЕМ Клубот.
Започнувајќи ја дебатата, модераторот Мерсел Биљали истакна дека Македонија со процесот во Хаг изгуби повеќе од три години за да го докаже она што целиот свет го знае. Според Биљали, пресудата никако не смее да биде замена за нашиот неуспех во големите институции, и дека интеграцијата во ЕУ и НАТО мора да продолжи.
Идните можности за искористување на пресудата ги образложи професорот на Правниот факултет, Љубомир Фрчкоски. Според него, постојат неколку можности за извршување на пресудата, а тоа се или поставување на проблемот пред Советот за безбедност, што досега се нема случено, или пак повторна тужба пред Судот во Хаг. Фрчкоски исто така подвлече дека власта сега ја слави референцата БЈРМ и дека понатамошна интеграција во НАТО и ЕУ под БЈРМ, би била чекор напред кон зачувување на уставното име на Македонија, бидејќи тогаш Македонија би била во еднаква позиција со Грција.
Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, јавно запраша доколку сега Македонија треба да влезе во ЕУ и НАТО под референцата БЈРМ, зошто Владата тоа не го направила пред четири години. За Георгиевски јасна била пораката која доаѓа од Брисел, а тоа е поголема конструктивност, и целосно решавање на проблемот со името. Георгиевски ја повика Владата на поголема иницијативност за да ја искористи преодната Влада во Грција за решавање на спорот.
За разлика од останатите, поранешниот министер за надворешни работи Александар Димитров, имаше поинаков став. Според Димитров, пресудата нема да доживее некоја посериозна понатамошна процедура, а нема да биде ниту чекор напред кон ЕУ и НАТО. Димитров истакна дека не е убеден дека власта е искрена кон Евро-атлантските интеграции, туку напротив, власта иницира и подржува анти-западно расположение. Димитров потенцираше дека тој лично не е оптимист дека пресудата ќе донесе некое решение во спорот со името.
ПРОГРАМА „ФОРУМИ ВО ЗАЕДНИЦАТА”
Форумски сесии во Гостивар, Боговиње и Босилово
На петтата и последна форумска сесија од буџетскиот форум во Гостивар, одржана на 29 ноември, членовите на форумот одлучуваа кои препораки ќе влезат во буџетот за следната година и кој проект е приоритетен за финансирање за 2012.
Во текот на претходните сесии форумот даде 20 препораки за буџетот за 2012, од кои општината прифати 13. На оваа сесија општината даде образложение за сите препораки кои не беа прифатени; дел поради немање на потребните средства, а дел поради тоа што не се во надлежност на општината. Сепак, форумот доби ветување дека општината ќе се заложи да обезбеди средства, како и да лобира кај надлежните за да се реализираат препораките на форумот. Од предложените пет проекти кои беа ставени на гласање, со мнозинство на гласови од работните маси беше избран проектот „Продолжување на уредувањето на шеталиштето на река Вардар“.
На 30 ноември, во с. Камењане, се одржа четвртата сесија на буџетскиот форум во општина Боговиње, на која стотина граѓани дискутира за расходите на буџетот на општината за 2012 година, за програмите образование и екологија. За време на оваа сесија членовите на работната група и учесниците на форумот дадоа голем број предлози за решавање на проблемите на граѓаните за кои сметаат дека треба да се вметнат и планираат во општинскиот буџет за наредната година во однос на темата која се дискутираше. Најголем дел од предлозите на граѓаните се однесуваа на реконструкција на училиштата и за создавање на подобри услови за реализација на кабинетска настава.
Втората сесија во општина Босилово се одржа на 30 ноември. Учесниците детектираа проблеми во рамките на избраната тема „Образование и култура“. Од работните маси произлегоа над 30 приоритетни проблеми за кои понатаму форумот нудеше можни решенија. После дискусијата за понудените решенија се формираа 8 работни групи, кои ќе работат на развивање на предлог проекти.
ПРОГРАМА ЗА РЕФОРМА НА ЈАВНАТА АДМИНИСТРАЦИЈА И ЛОКАЛНАТА САМОУПРАВА
Предлози за измени и дополнувања на Законот за јавните набавки
Скопје, 30 ноември 2011 година – Владата на Република Македонија до Собранието на Република Македонија достави Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, кој е ставен во прво читање на дневен ред на пленарната седница на Собранието закажана за 5 декември 2011 година. Со оглед на тоа што предложените измени не ги адресираат најголемите проблеми нотирани при имплементацијата на постоечката регулатива, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) и Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) до Собранието на Република Македонија доставија сопствени Предлози за измени и дополнувања на Законот за јавните набавки. Предлозите се подготвени врз основа на анализа на податоците собрани преку набљудувањето на спроведувањето на повеќе од 300 постапки за јавни набавки на централно и локално ниво, во периодот 2009 – 2011 година.
Клучните препораки на ЦГК и ФООМ за подобрување на постоечката регулатива за јавните набавки се:
• Да се ограничат и попрецизно да се дефинираат можностите за поништување на постапките за јавни набавки;
• Вкупната вредност на дополнителните набавки што договорните органи можат да ги набавуваат со преговарање, без претходно објавување на оглас наместо сегашните 30% од вредноста на основниот договор да се намали на 20% или 25% според примерите на други земји и меѓународни институции;
• Договорните органи задолжително да ја прават достапна тендерската документација бесплатно на електронскиот систем за јавни набавки, а во случаите кога тоа не е можно да овозможат непосреден увид и неограничено преземање;
• Да се нагласи во законот правото на економските оператори на увид во документацијата од постапките во кои учествувале, со одредување рок во кој договорниот орган е должен да го овозможи тој увид;
• Да се воведе рок во кој договорните органи ќе мораат да ги спроведат одлуките на Државната комисија по жалби за јавни набавки;
• Да се зајакне обврската на договорните органи детално да ги образложуваат причините за донесување на одлуките така што ќе влезе во член 210 како битна повреда на законот;
• Да се прошират надлежностите на Бирото за јавни набавки за да се искористи неговиот потенцијал во насока на подобро остварување на неговата законска функција со следење на постапките за јавни набавки, давање препораки до договорните органи за отстранување на констатираните неправилности и поднесување барање за поведување на прекршочна постапка;
• Да се воведат санкции за прекршување на обврските и одредбите од Законот за јавни набавки, како за договорните органи така и за економските оператори и
• Да се прошират и специјализираат одредбите за спречување на судирот на интереси и да се поместат во Општите одредби од Законот за јавни набавки бидејќи е неопходно евентуалното постоење на судир на интереси да се утврди уште пред почетокот на постапката.
„Невидливи за општеството - проценка за подготвеноста за ратификација на Конвенцијата за правата на лицата со попречености“
Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ) на конференцијата на 25-ти ноември ја презентираше публикацијата „Невидливи за општеството - проценка за подготвеноста за ратификација на Конвенцијата за правата на лицата со попречености“, која има за цел да ја утврди сосотојбата на домашното законодавство во неколку области, и да даде оценка за усогласеноста на состојбите во Македонија, со Конвенцијата.
Започнувајќи ја конференцијата, заменикот министер за труд и социјална политика, Ибарахим Ибрахими, потенцираше дека ратификацијата на Конвенцијата ќе значи унапредување на правата на лицата со попреченост, додавајќи дека во моментов, лицата со попреченост кај нас се соочуваат со помалку шанси за вработување, но и со ограничен пристап до одредени добра.
Во обраќањето на авторите на публикацијата, Мирјана Најчевска од Центарот за човекови права и разрешување конфликти, истакна дека авторите тргнале од традиционалниот поглед на општеството и поединците кон лицата со попреченост. Најчевска и останатите автори се залагале за почитување на основните човекови права, но и за перспективност наместо изолација на лицата со попреченост. Вториот автор, Кети Јандриеска Јованова, нагласи дека донесувањето на Конвенцијата ќе значи и поголема инклузивност на лицата со попреченост, додавајќи дека можеби треба да има одредени интервенции во Законот. На пример, препораката за вработување на дефектолог во секое училиште, би преминала во задолжително вработување. За Беким Кадриу пак, Конвенцијата може да стане гаранција за целосно унапредувањее на човековите права на лицата со попреченост. Кадриу исто така ја повика државата да има проактвна улога кон решавањето на проблемите на лицата со попреченост, и истовремено да ги заштити од дискриминација.
Дамјан Татиќ, член на Комитетот за правата на лицата со попречености при ООН, ги објасни придобивките, но и обврските кои произлегуваат од Конвенцијата, истовремено, споделувајќи ги искуствата од Србија. Татиќ посочи дека секоја држава мора да ги заштити лицата со попречености од секаков вид на дискриминација, особено задржувајќи се на тоа да им овозможи слободен пристап кон јавни објекти, без разлика кој стопанисува со објектите. Исто така, Татиќ упати препорака за градење на механизам за координација и надзор во кој силно би бил вклучен и граѓанскиот сектор.
Во завршниот дел од конференцијата се дискутираше за активностите на невладините организации во насока на промовирање и заштита на правата на лицата со попречености.
ПРОГРАМА ЗА МЕДИЦИНСКИ СТИПЕНДИИ ЗА РОМИ
Доделени 75 медицински стипендии
Извршниот одбор на Програмата за медицински стипендии за Роми од Будимпешта донесе одлука да додели дополнителни 14 стипендии за Ромите кои се школуваат на медицинските училишта и факултети во Македонија. Тоа значи дека програмата во учебната 2011/2012 година ќе стипендира 75 ученици и студенти, наместо 61 колку што беа планирани. За да се обезбеди нивна континуирана поддршка, во текот на целата школска година, ангажирани се и 22 универзитетски професори како ментори.
На конкурсот за медицински стипендии за Роми за учебната 2011/2012 година се пријавија вкупно 126 кандидати. Во полуфиналната фаза беа селектирани 83 кандидати, од кои 75 добија стипендија. За споредба, во 2010 година, бројот на доделени стипендии беше 48.
Целта на Програмата за медицински стипендии за Роми е преку обезбедување на поддршка за медицинско образование, менторство и обука за здравствено застапување и комуникациски вештини, да се овозможи зголемување на бројот на Роми со завршено медицинско образование и нивно активно вклучување во креирањето и имплементирањето на здравствените политики, што воедно ќе придонесе кон унапредување на пристапот до здравствените услуги за Ромите.
За да се постигне целта и да се обезбеди навремено информирање на Ромската јавност за можностите кои ги нуди програмата, беше рализирана кампањата за информирање и промовирање на програмата во јавноста под мотото “Дипломата креира лидери – учи медицина“, наменета за младите Роми - студенти на медицинските факултети и високи школи, ученици во средномедицинските стручни училишта, лекари специјализанти, како и лекари на последипломски студии. Исто така, беше реализиран и летен камп во Охрид, на кој кандидатите за стипендии се стекнаа со знаења и вештини кои ќе ги користат во застапувањето за унапредување на пристапот до здравствена заштита на Ромите. Содржината на програмата на кампот се состоеше од обуки за комуникациски и презентациски вештини, обуки за здравство и маргинализирани групи, здравствени политики, како и обука за менаџмент и лидерство во здравството.
Финансиските средства за оваа програма се обезбедени од Ромскиот образовен фонд и Програмата за Ромско здравје на Фондацијата отворено општество од Будимпешта. Во Македонија, програмата ја имплементира Фондацијата отворено општество Македонија.
Повик за апстракти - РППИ Научна конференција 2012
Во рамките на Регионалната програма за поддршка на истражувања (РППИ) во Западен Балкан се покануваат истражувачите и научниците, со свои апстракти, да учествуваат на годишната конференција „Општествени, политички и екомонски промени во Западен Балкан“, која ќе се одржи во Сараево од 24 до 27 мај 2012 година.
Конференцијата има за цел да создаде можност научниците и истражувачите да ги презентираат своите истражувања и да развијат мрежа за соработка. Исто така, учеството на конференцијата е можност за меѓународно публикување на истражувањата, како и можност за дебата на теми поврзани со актуелните политички состојби и случувања во регионот на Западен Балкан.
Можност за учество имаат доктори на науки и докторанди кои што работат на теми поврзани со темите на конференцијата „Општествени, политички и екомонски промени во Западен Балкан“.
Краен рок за поднесување на апликациите е 18 декември 2011 година.
(Не)транспарентност во финансирањето политички партии
Во организација на Фондацијата Отворено општество - Македонија (ФООМ) и Транспарентност Македонија (ТМ), а по повод објавувањето на резултатите од првиот периодичен извештај, на 17 ноември се одржа тркалезната маса „Транспарентност во финансирањето на политичките партии“.
Во своето воведно обраќање, професорот Ванчо Узунов нагласи дека финансирањето на политичките партии сеуште претставува сива и нејасна зона, податна за ширење корупција, не само заради недоследностите во начинот на регулирање туку и заради начинот на кој се применува. Република Македонија, преку низа закони, се обврза да обезбеди еднаков пристап до изворите на финансирање за сите политички партии, а се обврза и да обезбеди и ефикасен контролен механизам кој треба да гарантира одговорност и транспарентност во финансирањето на политичките партии. Сепак, постојат низа недоследности, и од страна на политичките партии и од страна на државните институции кои имаа надлежности врз процесот. Државните институции не ги исполнуваат надлежностите, додека за политичките партии се стекнува впечатокот дека меѓу нив постои консензус да не се зборува отворено за финансирањето.
Данче Даниловска од ФООМ истакна дека поттик и идеја за имплементирање на проектот „Транспарентност во финансирањето на политичките партии“ се континуираните укажувања на Европската комисија дека „транспарентноста на јавните расходи и финансирањето на политичките партии остануваат нецелосни“.
Искра Андреева од ТМ објасни дека истражувањето, правено според законската рамка важечка до октомври 2011, покажува дека политичките партии не ги почитуваат пропишаните форми за известување на тековното финансирање. Истовремено, истражувањето кое како единствена алатка за прибирање на податоците и од политичките партии и од надлежните инстируции го користи пристапот до информации од јавен карактер, покажува дека ниту овој Закон, во Македонија, не се применува во целост. Голем процент од партиите не ги доставиле податоците, или пак го игнорирале барањето.
За професорката Рената Тренеска Дескоска, најголем проблем претставува немањето волја кај клучните политички фактори за вградување вистински решенија во Изборниот законик. Изборниот законик, донесен во 2006 година, до сега два пати претрпе суштински измени, во 2008 и во 2011 година. Според неа, развојот на измените од 2006 до 2011 година, покажува дека измените не се направени со чесна намера. „Она што беше криминално во 2006, во 2011 го озаконивме“ нагласи Дескоска. Како пример за своето тврдење, Дескоска го посочи случајот со медиумите. Од една страна, обврската на медиумот да обезбеди рамноправност во промовирањето на политичките партии во текот на изборна кампања се коси со можноста медиумот да се јави и во улога на донатор, од друга страна. Според Дескоска, финансиските извештаи не даваат одговор на прашањето како се дефинираат донаторите и дали се вистински донатори. Заради тоа, таа смета дека одредбите не смеат да останат само на формално ниво, туку мора да овозможат и начини на испитување на потеклото на парите добивани од донатори.
Професорот Никола Тупанчески, поранешен претставник на ГРЕКО (Група на држави против корупцијата) нагласи дека во инситутциите нема ниту волја, ниту капацитети за спречување на злоупотребата во финансирањето политички партии. Според него, законската норма постои, ама не се применува. Тупанчевски, со жалење, заклучи дека главниот проблем во Македонија е селективната примена на правото, односно, правото се применува под превезот на политичките интереси.
Доцентот Предраг Трпески истакна дека проблемите во оваа сфера се и длабоко вкоренети во начинот на работење на партиите, но и се предизвикани од слабата функционалност на механизмите за контрола на финансирањето на партиите. Според него, во партиите, само мал круг на партиски членови имаат контрола и увид во финансирањето, па оттаму, финасирањето политички партии почнува да наликува на приватен бизнис. Трпески смета дека зајакнувањето на контролните механизми е единствениот начин да се избегнат злоупотребите.
На 16 ноември во Гостивар се одржа четвртата форумска сесија на која 90тина граѓани дискутираа за расходите на буџетот на општината за 2012 година за програмите уредување на градежно земјиште (капитални расходи), изградба и реконструкција на улици и патишта, изградба на системи за водоснабдување и канализација, одржување и уредување на паркови и зеленила. За време на оваа сесија членовите на работната група и учесниците на форумот дадоа голем број предлози за решавање на проблемите на граѓаните за кои сметаат дека треба да се вметнат и планираат во општинскиот буџет за 2012 година во однос на темата која се дискутираше.
Конференција „MK vs. EU или MK@EU“
Лошите реформи поголем проблем од името
Фондацијата Отворено општество - Македонија (ФООМ) и Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО), на осми ноември 2011 година ја одржаа конференцијата насловена „MK vs. EU или MK@EU“. На конференцијата, чиј повод беше Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2011 година, низ три панел-дискусии, присутните гости дебатираа околу последните случувања на релацијата Македонија – ЕУ и настаните кои следеа по објавувањето на Извештајот.
Отворајќи ја конференцијата, извршниот директор на ФООМ, Владимир Милчин изрази жалење што бришењето на придавката „македонски“ послужило како алатка на власта да го изврти значењето на Извештајот и сите негативни оцени содржани во него.
Говорејќи на првата панел-дискусија, Радмила Шеќеринска заклучи дека проблемот со името стана камен на сопнување уште од 2008 година, но годинава за првпат од ЕУ стигнале сигнали дека проблемот со името не е единствената пречка за започнување на преговорите, туку дека проблемите станале многу побројни. Воедно, Шеќеринска упати апел до власта да престане да го злоупотребува проблемот со името.
Во втората панел-дискусија насловена како „Замор vs. Капацитет“, Бојан Маричиќ од МЦЕО презентираше споредбен преглед на евроинтегративните процеси во три земји од регионот во периодот 2001-2011 и заклучи дека оние членки кои ги завршуваат тешките задачи, брзо напредуваат кон членство во Унијата, а билатералните спорови се само составен дел од процесот на интеграција на секоја потенцијална членка. Во своето излагање во оваа сесија, универзитетскиот професор Стево Пендаровски истакна дека Македонија има најлоша меѓународна позиција од 1991 година па до денес, а актуелната влада нема резервен план за иднината на државата.
Отворајќи ја третата панел-дискусија на тема слободата на изразување и човековите права, Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар заклучи дека во проретчениот медиумскиот простор, има се помалку теми кои се занимаваат со ЕУ, а по последниот извештај, во медиумите владее евроскептицизмот. За Суад Мисини пак, последните сигнали од Брисел за евентуално одземање на препораката за почеток на преговори дури и по цена на решавање на спорот со името, се лош знак кој во иднина би му послужил како алиби на премиерот Груевски воопшто да не се зафаќа со реформи. Пратеникот Сафет Бишевац истакна дека меѓу народот владее страв и дека битката за сопствената слобода треба да се води со употреба на сите демократски капацитети и методи.
Низ неколкучасовна дебата, присутните учесници на конференцијата допреа и низа останати теми поврзани со интеграцијата на Република Македонија во ЕУ: Копенхашките критериуми, економската состојба, меѓународната позиција на Македонија, како и меѓуетничките односи и состојбата со владеење на правото.
Аудиозапис од конференцијата
Прв дел
Втор дел
ПРАВНА ПРОГРАМА
БЕСПЛАТНА ПРАВНА ПОМОШ
На 27 и 28 октомври 2011 во Штип и Битола беа организирани средби со локалните здруженија кои имаат искуство во давање на правна помош. Целта на средбите е размена на искуствата на овластените здруженија за давање на претходна правна помош согласно Законот за бесплатна правна помош (Македонското здружение на младите правници, Националниот ромски центар - Куманово, Младинскиот културен центар - Битола и РОМА С.О.С. - Прилеп) со локалните здруженија. Ќе следи и трета средба со здруженија во Скопје на 10 ноември 2011 година со почеток во 11.00 часот во ГЕМ клубот.
Средбите кои ги организираа Македонското здружение на младите правници и Фондацијата Отворено општество – Македонија се дел од проектот „Следење на примената на Законот за бесплатна правна помош“. Овој проект има за цел да го олесни и поддржи воспоставувањето на системот на бесплатната правна помош во Република Македонија, со што ќе придонесе кон идентификување на слабостите и пречките во имплементацијата, но и ќе даде препораки за нивно надминување и отстранување за добивање на поефикасен систем во кој граѓаните би имале можност да остварат еднаков пристап до правдата. Имплементацијата на проектот е започната во 2010 година, а ќе трае до декември 2012 година.
ПРОГРАМА „ФОРУМИ ВО ЗАЕДНИЦАТА”
Третите сесии во Гостивар и Боговиње и првата сесија во општина Босилово
На 31 октомври во Гостивар се одржа третата форумска сесија на која 90тина граѓани дискутираа за расходите на буџетот на општината во 2011 и за планираните расходи за 2012 година за програмите: основно образование, средно образование, градинки, култура, спорт и рекреација.
Во Боговиње, третата форумска сесија на 4 ноември , беше посветена на инфраструктурата и економијата во 2012 година. Стотина жители на општина Боговиње дискутира за расходите на буџетот на општината во 2011 година и за планираните расходи за 2012 година за инфраструктурни и економски проекти.
И на двете сесии жителите од овие општини дадоа голем број предлози за решавање на проблемите на граѓаните за кои сметаат дека треба да се вметнат и планираат во општинските буџети за 2012 година.
Во Босилово, програмата „Форуми во зедницата“ започна со првата форумска сесија на 2 ноември. Околу 140 жители на општина Босилово се фокусираа на образованието, со цел понатаму подлабоко да навлезат во нејзината обработка, утврдувајќи конкретни проблеми и предлагајќи решенија. На оваа сесија се формираа работните маси, се усвоија правилата на работа и се определи динамиката на сите форумски сесии.
ПРАВНА ПРОГРАМА
Барање до матичното работно тело и до Законодавно-правната комисија во Собранието на РМ за утврдување во извештаите за Предлог-законот за дополнување на Законот за бесплатна правна, Предлог-законот да не се даде на натамошно читање
Скопје, 27 октомври 2011 година: Фондацијата Отворено општество – Македонија, Македонското здружение на младите правници, Националниот ромски центар-Куманово, Младинскиот културен центар-Битола, РОМА С.О.С.-Прилеп, Избор-Струмица и Едукативно хуманитарната организација ЕХО-Штип по повод поднесувањето на Предлог-законот за дополнување на Законот за бесплатна правна помош кој е ставен на разгледување на седницата на Собранието на Република Македонија на 7 ноември 2011 год., доставија барање до матичното работно тело и до Законодавно-правната комисија во Извештаите да утврдат Предлог-законот да не се даде на натамошно читање, во согласност со член 142 од Деловникот на Собранието на РМ. Имено, здруженијата по спроведеното набљудување на имплементацијата на Законот се согласни дека има потреба од изменување и дополнување на Законот за бесплатна правна помош, но во поголем обем од дадениот во Предлог-законот.
Организациите сметаат дека со ова дополнување постоечките нејаснотии, недоречености и несоодветни решенија во Законот уште повеќе ќе дојдат до израз во примената, а со тоа нема да се исполни целта за добивање поефикасен систем во кој граѓаните би имале можност целосно да го остварат правото на еднаков пристап до правдата.
Нејаснотитиите и недореченостите во постоечкиот текст на Законот за бесплатна правна помош се состојат меѓу другото во: 1. Строги и ограничувачки услови кои граѓаните треба да ги исполнуваат за да се стекнат со правото на бесплатна правна помош, 2. Нејасен опфат на бесплатна правна помош во однос на останатите трошоци за остарување на правдата (на пример, судските такси), 3. Исклучување на осомничените и обвинетите во кривичните постапки од правото на бесплатна правна помош, 4. Строги критериуми за вклучување на здруженијата во системот на бесплатна правна помош, и 5. Претходната правна помош е нејасно дефинирана и непотребно оптоварена со долга процедура.
Барањето доставено до Собранието на РМ можете да го преземете тука.
ПРАВНА ПРОГРАМА
ФООМ побара повлекување на Предлог – законот за еднакви можности на жените и мажите
Фондацијата отворено општество – Македонија писмено се обрати до Претседателот на Собранието на Република Македонија, членовите на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, и членовите на Клубот на жени пратенички, и изрази загриженоста за нивото на неусогласеност на Предлог - законот за еднакви можност на жените и мажите. Предлог - законот се наоѓа во Собраниска постапка со Директивите 2000/78/EC; 2002/73/EC; и 2004/113/EC поради кои Законот се донесува. Забелешки на Фондацијата особено се однесуваат на неуредувањето на прашањето на учеството на здруженијата и фондациите при давањето заштита на жртвите на дискриминација.
Понатаму, Предлог – законот не содржи дефиниции кои се од значење за примената на Законот (пол, род); не ја предвидува сексуалната ориентација како основа за дискриминација; не ги утврдува прецизно обврските на приватниот сектор; областите определени со Предлог – законот се лимитирано определени; не се предвидува политиката за еднакви можности да ја спроведува независно тело, и не се воспоставува правна рамка која би овозможила ефективна заштита од дискриминација.
Имајќи ги предвид овие забелешки, се надеваме дека пратениците ќе настапат одговорно при отворањето на прашањето за законското регулирање на еднаквите можности на жените и мажите и ќе побараат повлекување на Предлог – законот од страна на овластениот предлагач. Повлекувањето на Предлог – законот ќе отвори можност за негова доработка во смисла на надминување на неусогласеноста со ЕУ Директивите од областа на еднаквите можности на жените и мажите.
Компаративна анализа на извештаите на Европската Комисија 2008-2011
Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) и Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) подготвија компаративна анализа на извештаите на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за периодот 2008-2011 година.
Оваа компаративна табела ги содржи и задачите од Пристапното партнерство што Република Македонија треба да ги исполни и според кои Европската комисија го цени напредокот на државата. Оттука се добива појасна претстава за тоа која е вистинската динамика на пристапување кон Европската унија.
За првпат годинава во компаративната анализа вградени се коментари со надеж дека ќе и помогнат на пошироката јавност за да ја создаде својата слика.
Целокупната анализа наведува на следните општи заклучоци:
1. Европската агенда на Република Македонија е во голем застој. Проблемот со името не е единствената причина зошто државата не може да помине во следната фаза на интеграција. Од компаративната анализа станува очигледно дека Македонија има сериозен проблем со напредокот во реформите.
2. Политичкиот критериум, чие исполнување е неопходно за започнување на наредната фаза на интеграција, е сериозно загрозен. Покрај веќе добро познатите проблеми од минатите години (корупцијата, јавната администрација и судството) во 2011 година се забележува дополнително влошување кај сите овие области и за првпат жестоко се критикува загрозувањето на слободата на изразувањето. Сакаме јасно да посочиме дека Македонија може да ја изгуби препораката за започнување на преговорите доколку продолжат овие трендови и се загрози целосно политичкиот критериум, а не поради спорот со името како што сака да не убеди премиерот. Впрочем Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) и Фондацијата отворено општество- Македонија укажавме на оваа опасност уште во минатата година1.
3. Доказ дека Македонија назадува во реформите е и тоа дека не умее да ги искористи европските пари. Во неколку поглавја (19, 20, 22, 25, 26) Европската комисија предупредува дека постои опасност да се изгубат овие средства кои, патем кажано, се неповратни средства, во споредба со многуте кредити кои Владата ги зема од Светската банка и другите меѓународни финансиски институции.
4. Недоволниот административен и институционален капацитет е проблем кој се провлекува низ сите поглавја од Извештајот. Од една страна, Европската комисија забележува дека има превработена, нестручна и некомпетентна јавна администрација, па дури и луѓе кои добиваат плата, а седат дома. Од друга страна, ЕК констатира дека во голем дел од стручните институции, надзорните и регулаторните тела постои недостиг на човечки ресурси. Исто така, ЕК нотира дека голем дел од стручните институции се соочуваат со недостиг на финансиски средства за непречено функционирање.
______________________________________________ 1 Осми Извештај од следењето на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ „Преродбата ги јаде своите чеда“, јануари 2011, стр. 13
Конференција за печат на Владимир Милчин
За основачот на Фондацијата Отворено општество
Џорџ Сорос одговара на нападите од Глен Бек
Гостувањето на Извршниот директор на ФИООМ Владимир Милчин во Политико